Денеска почнуваат активностите за пристигнување на персоналот и потребните материјални средства за вежбата „Swift Response 22”.

Како што соопштија од Генералштабот на Армијата, почнува првичниот поголем транспорт на потребните воени материјални средства по копнен и воздушен пат, кои ќе се одвиваат периодично се до завршување на вежбата 31.05.2022 година.

– Делот од вежбата кој ќе се одвива во нашата држава ќе се состои од активности во воздушниот простор со изведување на падобрански десанти и активности на терен со учество на повеќе од 4000 војници од Армиите на осум НАТО земји (Соединетите Американски Држави, Обединетото Кралство, Франција, Италија, Грција, Црна Гора, Албанија и Северна Македонија), се наведува во соопштението.

Движењата и транспортот заради учество на вежбата се одобрени со одлуката од 32 седница на Владата на Македонија и се целосно координирани со сите надлежни институции согласно пропишаните процедури, се наведува во соопштението.

Вежбата „Swift Response 22” е во рамки на кампањата на вежби „DEFENDER EUROPE 22“ кои редовно се изведуваат секоја година на тлото на Европа и се во организација на командата на вооружените сили на САД за Европа и Африка „USAREUR-AF”. Дел од планирачкиот процес за вежбата „Swift Response 22” кој се одвиваше во тек на изминатата 2021 година, се реализираше и во нашата држава.

Ова е досега најголема мултинационална вежба во Република Северна Македонија од ваков вид и единствена од осамостојувањето на државата во која ќе се реализираат воздушни десанти во овој обем.

– Вежбата ќе има особено значење за нашата Армија во однос на споделување на знаења, способности и вештини, зголемување на интероперабилноста и оспособеноста за заедничко дејствување со сојузничките вооружени сили во изведување на овој вид на операции, како и демонстрирање на капацитетите на АП „Криволак“ за изведување и на ваков вид на воени вежби, стои во соопштението од Генералштабот на Армијата.