Добрите економски политики и економската стабилност ја квалификуваат Република Македонија за користење на инструментот за претпазливост и ликвидност на ММФ, кој се доделува исклучително на земјите со здрави економски фундаменти.

Ова беше истакнато на состанокот помеѓу директорката на Меѓународниот монетарен фонд Кристалина Георгиева, министерот за финансии Фатмир Бесими и гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, која се одржа во рамки на Пролетните средби во Вашингтон, соопшти Министерството за финансии за средбата која е прва официјална  помеѓу министер за финансии на земјава и директор на ММФ во изминатите години, што, како што наведува Министерството,  ја покажува поддршката на оваа меѓународна институција за нашата земја.

 –ММФ неделава објави дека Георгиева пред Бордот на ММФ ќе го претстави барањето на РС Македонија за користење на Линијата за претпазливост и ликвидност (Precautionary and Liquidity Line – PLL). Оваа линија, како што се наведува и на веб-страницата на Фондот, е наменета исклучително за земји кои имаат здрава економија и здрави економски политики. Само земји со позитивни оцени од последната мисија на ММФ може да се квалификуваат за користење на овој инструмент. Дополнително, Фондот врши и оцена на стабилноста економските политики кои ги практикува Владата и монетарните власти, финансиската стабилност и статистичките податоци кои се објавуваат, информира Министерството за финансии.

 За време на средбите Бесими посочи дека фокусот на фискалната политика во претстојниот период ќе биде во насока на поддршка на стандардот на граѓаните и на стопанството, согласно предизвиците кои ги наметнуваат ценовната и енергетската криза.

-На среден рок, определбата на Владата е насочена кон постигнување одржлив економски развој, фискална консолидација и спроведување на структурните реформи, се наведува во соопштението.