Долго време на пошироката јавност не и беше разјаснета врската на Холанѓаните со Македонија и посебно тоа што тие се чести гости во Охрид, се додека не беше објавено дека во Холандија има лектирна книга напишана со мотиви од Охрид и Македонија.
Сега таа приказна од холандскиот писател А. Ден Долард е продолжена и со сликарски дела, со инспирација од Македонија, од холандскиот уметник Бер Менгелс и неговата сопруга Паулина.
По окупацијата на Кралството Холандија од страна на Хитлерова Германија на 10 мај 1940 година, Холанѓаните биле принудени да работат за потребите на Хитлер, но голем број одбивале да работат и се криеле по подруми за да ја избегнат присилната работа.
Еден од нив, како што објави Lexicon of foreign painters in Macedonia е и сликарот Бер (Хубертус) Менгелс (1921-1995).
Тој уште како 16-годишно момче, почнал да работи во рудниците за јаглен во холандскиот град Хеерлен во провинцијата Лимбург. На почетокот на војната Менгелс веќе бил еден од најдобрите млади рудари. Но, во војната започнува да се крие по подруми и да избегнува задолжителната работна должност. Поради тоа, во 1943 е осуден во отсуство од Германците кои започнуваат потрага по него заради апсење.
Скриен во подрумите, Менгелс започнал да црта. Сликарството му станало еден вид на психо треапија. Во неговите цртежи се пренесени неговите трауми од војната, илегалата и тешкиот рударски живот.
По војната се посветува целосно на сликарството. Неговиот темен експресионизам добива високи оценки од ликовните критичари. Еден e од основоположниците на влијателната сликарска група Нова Хашка Школа.
За време на криењето по подруми, Менгелс ја прочитал книгата Свадбата на седумте Цигани, напишана од холандскиот писател и новинар Корнелис Јоханес Спулстра (1901-1994). Спулстра ја отпечатил книгата во 1939 година во Амстердам и ја потпишал под псевдонимот А. Ден Долард.
Книгата изобилува со лирски описи на Охрид и езерото во кое А. ден Долард бил вљубен, како и со меланхолични мисли за љубовта и минливоста на младоста и животот (Луѓето доаѓаат и си одат, но нивните мисли продолжуваат да струјат околу земјината топка како невидлив ветер…).
Во 1961 Бер Менгелс и неговата сопруга Паулина ја посетуваат Македонија, земјата од книгите на А ден Долард. Во Македонија Менгелс изработува неколку масла на платно и цртежи од кои подоцна изработува бакрорези.
За жал, како што објавува Lexicon of foreign painters in Macedonia овие дела е речиси невозможно да се најдат на пазарот. Едно од неговите дела, како што е наведено, сепак, го има во колекцијата, а станува збор за платно „Македонка од Тетово“.
(Подготвил: Д.Г.)