Вториот изменет протокол на Договорот за заемна одбранбена соработка меѓу Грција и САД, денеска ќе биде ратификуван во грчкиот Парламент, откако во вторникот доби зелено светло од парламентарната Комисија за одбрана и надворешни прашања, јави дописничката на МИА од Атина.
Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис говорејќи синоќа на првиот состанок на политичкиот комитет на Нова демократија, рече дека на расправата во Парламентот, сите ќе имаат можност да излезат со став за тоа како навистина ги перципираат сојузништвата на земјата и позицијата на државата на оваа геополитичка карта која толку брзо се менува.
– Она што го знам е дека позицијата на Грција во последните три години е зајакната геополитички, одбранбено, економски. Угледот на нашата земја е многу висок во споредба со она што беше во јули 2019 година, кога грчкиот народ ни даде доверба да управуваме со земјата. И ова е пораката што ќе ја пренесам на мојата официјална посета на Вашингтон, каде што во понеделник ќе имам можност да се сретнам и опширно да разговарам со претседателот Бајден. И во вторник ќе имам голема чест да се обратам пред американскиот Конгрес, како прв грчки премиер што ќе зборува пред највисокиот американски законодавен дом, истакна Мицотакис.
Обновената верзија на заедничкиот договор Грција – САД што е во траење од пет години, во октомври минатата година го потпишаа Блинкен и Дендиас во Вашингтон.
На расправата на надлежната комисија, договорот го поддржаа владејачката Нова демократија и опозициската Движење на промена.
Министерот за одбрана на Грција Никос Панајотопулос истакна дека договорот е национално корисен, додека пак шефот на грчката дипломатија Никос Дендиас рече дека тие сакаат американско воено присуство во земјата.