Границата помеѓу Хрватска и Босна и Херцеговина, полицијата ја надгледува со термовизиски камери кои и во текот на ноќта откриваат обиди за илегално преминување.
Илегалните мигранти, како што пишуваат хрватските медиуми, мислат дека ноќе е полесно да се влезе од БиХ во Хрватска, но се лажат. Освен термовизиски камери, хрватската полиција во надгледувањето на границата користи и хеликоптери и дронови.
„Сега сте многу блиску. Застанете, тука се од левата страна. Точно се пред вас, ги има повеќе отколку што можевме да видиме. Групата е во грмушките“, се слуша на снимките од граничната полиција, која со дрон ги снимала мигрантите и ја упатила патролата да им го попречи патот.
Помошникот на началникот на полициската станица Цетинград, Иво Бенцетиќ објаснува дека граничната полиција на Цетинград надгледува 55 километри од границата со БиХ. Иако работат 24 саати и ја користат сета расположива опрема, неодамна добиле засилување од Загреб, Вировитица и Вараждин. Според Бенцетиќ, не минува ни ден, а да нема обид за илегално минување на границата од мигранти.
И мигрантите, но и полицијата, знаат на кои места тоа најчесто се случува. И покрај сите мерки за заштита, дел од мигрантите успеваат да влезат во Хрватска. Главно станува збор за мажи кои немаат никакви документи, а сакаат да продолжат во некоја од земјите на западна Европа. Тие што полицијата ќе успее да ги открие, најчесто се враќаат назад во БиХ.