Се зголемуваат тензиите во зоната на одговорност во Западниот воен округ на Русија, а државата презема интензивни мерки за да се спротивстави на тоа, изјави рускиот министер за одбрана на Русија Сергеј Шојгу во врска со барањето на Шведска и Финска да бидат примени во НАТО.
На колегиумот на Министерството за одбрана на Русија, Шојгу предупреди дека САД и НАТО го зголемуваат обемот на оперативни и борбени подготовки во близина на руските граници и посочи дека повеќе од 40.000 војници учествуваат во серијата воени вежби „Заштитник на Европа“.
– Со цел да се одговори на заканите на руските западни граници, до крајот на оваа година во Западниот воен округ ќе бидат формирани 12 нови воени единици и одреди, рече Шојгу.
Зборувајќи за ситуацијата во Украина, Шојгу истакна дека повеќе од 1.900 украински националисти, блокирани во фабриката „Азовстал“ во Мариупол, им се предале на руските сили.
– Продолжува блокадата на фабриката Азовстал, рече Шојгу и истакна дека цивилите, за кои тврди дека како заложници биле држени од украинските борци, се евакуирани од фабриката за челик. Станува збор за 177 лица, меѓу кои 85 жени и 47 деца. Сите добиле соодветна медицинска и психолошка помош, истакна рускиот министер и додаде дека досега 1.908 луѓе од Азовстал го положиле оружјето.