Додека Столтенберг се удираше од земја пред некој ден објаснувајќи ни дека не сме можеле да станеме членка на НАТО ако не се саморасчлениме, Хан му прати абер на Заев да не оди на избори, туку да ја средел работата во Собранието. Со што ја покачи цената по пратеник која сега веројатно е поголема од оние 250.000 евра кои се споменуваат за глас за измена на Уставот, така како што Грците напишале.
И двајцата меѓутоа, одиграа неверојатно поволно во полза на тие што бојкотираа. Ако некој и имаше дилема дали донел правилна одлука на 30-ти септември останувајќи дома, ете ги Столтенберг и Хан да му кажат дека не згрешил, ама ни малку.
На првиот, многу сме му потребни за да се спречеле Русите да влијаат на овој дел од Балканот, што на НАТО му било многу важно оти сме биле стратешка точка. Ама за да му помогнеме на НАТО да се справи со Русите, не треба НАТО нам да ни помогне, туку ние треба да нему така што сами ќе се убиеме. Што веројатно е прв случај во историјата – некој да бара од тебе да му помогнеш така што самиот ќе си одмогнеш.
Веројатно ова не му е многу јасно ни самиот Столтенберг. Малку е комплицирана таа игра на зборови околу тоа кој кому помага за да му одмага и слично, а сепак, да не заборавиме, Столтенберг е пајташ со Заев, Шеќеринска и Димитров. Си разменуваат пенкала, си ги бакнуваат плајвазите, додуша уште не дошле до стадиум со вратоврските, ама кај и да е, ќе биде и тоа. Патем, да си припомниме кој уште му беше друштво во Скопје и се ќе ни стане видливо, па ако и тој е на тоа ниво, тогаш станува сосема јасно дека неговото удирање од земја на последната прес конференција кога стана збор за „вашата земја“, всушност е природна состојба на типот.
Кај нас, во таква состојба обично ги гледаме дечињата кога им се примочкува, па со едната рака се држат таму, додека цупкаат со ножињата стискајќи ги колената едно до друго, а со другата креваат два прста за да ги види наставничката. Ама да не претеруваме – човекот сепак е генерален секретар на НАТО. Среќа само шефовите веројатно знаат кого бираат на таква позиција, па не дозволуваат во нивна близина да има било какво црвено копче. Ни од играчка, не пак од оружјето.
За разлика од него, Хан се потруди да остави посериозен впечаток. Тој му доаѓа како мудрец кој ја знае вистината на светот, па нема потреба да си ја удира главата од ѕид. Не, не, па зар мислите дека Хан е било кој? Сте згрешиле. Ете, со другар му Заев ја донесоа овде и Меркел, и тоа на Денот на независноста на „оваа убава земја“ за по 22 дена и таа да добие корпа и понижување какви што во Германија не добила веќе деценија ипол.
Добро сега, и мудреците некогаш знаат да згрешат, ете, прашајте било кој атеист за мудреците што го посетиле Исус и се ќе ви разбистри. Ама од друга страна, пак ве јаде јанѕа. Па си велите, зар со ова мудриот Хан не ни покажа, нам на Македонците, дека тоа што на 30-ти беа полеани со кофа полна со … сите нивни инсталации овде, почнувајќи од политичарите, а завршувајќи со нивниот смет кој им служи за пропаганда, за него не се важи?
А, ако е така, а така е, впрочем имавме исказ дека уставните судии биле повикувани за да им се каже како да гласаат, што е согласно правната држава за која се залага Хан, зар со тоа не ги убеди дека се во право сите тие кои решија на 30-ти да не се трампаат себе си денес, за некое ЕУ кој знае кога? А, од кога тоа во таа ЕУ се полнат кутии како вреќи со пиперки на пазар, од кога тоа во таа ЕУ се поддржува повикуванње уставни судии за да им се каже како да гласаат? Можеби така се прави во Холандија, во Белгија, во Германија, ете така се прави и во Македонија под надозр на дмеократите од странство, ама по ѓаволите, кога ние сме рекле дека сакаме така да биде?
Оти ЕУ би требало да биде за правна држава, ама еве очигледно не е. ЕУ би требало да биде и против корупцијата, ама очигледно не е. Мислам, ајде кога делиш пари на некоја певаљка, добро, разбираме дека и овие од ЕУ се по музиката, посебно некој Австриец како Хан, нели, ама кога делиш пари на секое удбашче и моронче овде кое е спремно да вреска „не гледај во минатото“, иако не разбира што значи тоа, тогаш сфаќаш дека работата отишла во, хммм, нема каде освен дека отишла во УДБА. Односно во таа ментална шема.
Ако не е така, тогаш едноставно заклучуваш дека тие што те убедуваат, едноставно не даваат пет пари за тебе. Оти да застанеш рамо до рамо со Заев и неговите, да застанеш рамо до рамо со човек кој вели дека бил црпнат од нива, да застанеш рамо до рамо со луѓе кои тргнале по неговиот ум, и да ги убедуваш луѓето дека одлуката на тие луѓе е мудра и паметна за цела држава, тоа или значи дека и самиот си тука негде или им велиш на луѓето дека се глупави, а потоа ги молиш да излезат да гласаат. Добро, можеби се и глупави, ама не до толку. Нели?
Зашто, кога некој од Брисел ќе ви каже кој го е.е вашиот Устав, кога некој од Брисел ќе застане рамо до рамо со владеачката интелигенција овде, која кај нормалниот свет овде, оној небањатиот, служи за потсмев, кога некој ќе го поддржи неверојатно згуснатиот криминал на оваа Влада како европска вредност, придружен со комедијантското однесување како тоа на т.н. министер за надворешни кој час гине за Илинденска, час не се сеќава на нејзе, кога некој ќе се обиде да ве убеди дека 600 илјади се доволни за да наполнат до врв чаша на која и требаат 900 илјади, тогаш ви е јасно дека не ви треба друга потврда дека сте биле во право. Тоа што не ви е јасно е дали тој некој, одиграл за омразените Руси онака, затоа што толку му сече или затоа што, е платен за тоа. Без да се качува по хермелини со руско знаме.
Зашто, да се вратиме пак на поентата, да зборуваш за антикорупција, а да стоиш рамо до рамо со корупцијата, да зборуваш за слобода, а да стоиш рамо до рамо со фашизоидни фаци, да зборуваш за медиуми, а да ја носиш под мишка Нова Македонија од времето на затворањето на Ченто како репер, всушност да не трошиме многу зборови – да бидеш ортак со тие кои си ја предаваат државата и својот народ, сеедно што тоа тебе ти одговара, значи дека не си ни за милиметар подобар од нив. И тоа значи дека само си ја потврдил праведната одлука на луѓето. Кои сега чекаат да видат дали некое широко раче од пратениците ќе се полакоми за парите што се нудат за глас за промена на Уставот.