Рускиот енергетски гигант „Газпром“ од изутринава почна со намалување на количината гас што ја испорачува до Германија низ гасоводот „Северен поток 1“ на дневен максимум од 67 милиони кубни метри.
Ова доаѓа по најавата на „Газпром“ дека ќе ја редуцира максималната количина доставен гас од 167 милиони кубни метри дневно на 100 милиони кубни метри.
Со најновото намалување, компанијата за два дена ја намали количината гас за околу 60 отсто за Германија. „Северен поток 1“ е главниот гасовод низ кој земјата се снабдува со руски гас.
Германскиот министер за економија, Роберт Хабек ја обвини Русија за обид да создаде непријатност и потег, со што се зголемуваат цените на гасот. Но, тој додаде дека Германија и понатаму може да се снабде со алтернативни залихи гас по алтернативен пат, иако, по повисока цена. Германските складишта за гас моментално се полни 56 отсто.
„Газпром“, чиј најголем дел е во државна сопственост, соопшти дека прекините во испораката на гасот, се предизвикани од поправка на единицата за компресија на гас. Но, ова тврдење беше оспорено од германската федерална агенција.