Александар Николоски, пратеник и потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ на денешната собраниска седница за поставување на пратенички прашања истакна дека во државата покрај националната катастрофа, се случува и економско опустошување, прашувајќи го Димитар Ковачевски дали смета дека во Македонија се живее добро и дали не е време за оставка и одржување на предвремени парламентарни избори.
-Македонија се соочува со континуирана национална катастрофа години наназад, не само неколку месеци, директно негирање на македонскиот национален идентитет, македонскиот јазик, култура, историја, традиција, македонскиот народ. Македонија како што сите знаеме направи болен компромис и го промени името на државата, преку промена на Уставот, како тоа да не беше доволно, паралелно ни се случува економски пустош, инфлацијата галопира, на основните производи некаде е и над 100 проценти, електричната енергија континуирано поскапува, граѓаните во овие денови се во исчекување на ново поскапување на електричната енергија, која што за домаќинствата веројатно ќе достигне и до 130 проценти, а за компаниите веќе сите добро знаат дека е над 500 проценти, како и за институциите односно сите оние кои што се на таканаречениот слободен пазар веќе плаќаат 5 пати повисоки цени за електрична енергија, што неминовно ќе донесе до економски застој, и за жал затворање на работни места, вели Николоски.
„Секоја недела очекуваме и се случува ново поскапување на горивото, како и на основните прехранбени производи. Секоја недела гледаме како одредена категорија земјоделци искажува незадоволство од актуелната состојба, како која култура доаѓа на ред, така го гледаме незадоволството, последно е на пример со оние кои што одгледуваат пченица и житни култури. Да не зборувам за тоа дека нема ден, а да нема штрајк, и тоа дека има една општа депресија помеѓу народот, што за мене е најболно имајќи во предвид дека нивото на депресија кое што го гледам помеѓу луѓето можеби и е незапаметено во Македонија, што поттикнува голем број да си заминуваат“, изјави Николоски.
-Има секојдневни скандали, тендери во четири очи, неразјаснети спорни јавни набавки, преземање на компании за однапред познати сопственици пред се од истокот на државата, како и креирање на политики и закони кои одат во корист само на едни. На сето ова се надоврзува и политичката криза и состојбата која ја имаме во Собранието и помеѓу нас како политички партии имајќи во предвид дека вештачки се одржува мнозинството после локалните избори кога убедливи победи ВМРО-ДПМНЕ, што беше јасно изразување на народната волја. Во вакви услови, во услови на национална катастрофа, во услови на економско опустошување, на корупција која што цвета и на немање на јасни планови во економијата, граѓаните си поставуваат бројни прашања, на пример никој не знае дали ќе има парно греење во зима во Град Скопје затоа што се носат нејасни одлуки, или никој не може да јасно си одговори што ќе се случува со цената на основните производи, или што ќе се случува со цената на електричната енергија, во услови кога граѓаните не гледаат јасен план, додаде тој.
„И затоа сакам да го прашам претседателот на Владата, дали мислите дека во Македонија се живее добро и дали не мислите дека е време за оставка и предвремени парламентарни избори“, праша Николоски.