Германија изминатиот месец за првпат по 20 години забележа дефицит во тргувањето со светот, последица на високите трошоци за увоз на енергија и благиот пад на извозот.
Податоците што денеска ги објави Државниот завод за статистика посочуваат дека извозот во мај е намален за 0,5 отсто во однос на април кога пораснал за 4,4 отсто. Увозот, пак, бележи пораст од 2,7 отсто, забавувајќи се во однос на април кога бележеше пораст од 3,5 отсто.
Дефицитот во трговскиот биланс регистриран првпат од почетокот на 2000 година, според достапните податоци на „Дестатис“ изнесува милијарда евра. Во април суфицитот изнесуваше 3,1 милијарда евра.
Извозот во Русија минатиот месец се зголеми за 29,4 отсто споредбено со април, на една милијарда евра, стабилизирајќи се по остриот пад предизвикан од западните санкции против Москва. Истовремено увозот од Русија е намален за 9,8 отсто, на 3,3 милијарди евра. Во февруари извозот во Русија надминуваше десет милијарди евра.
Најмногу пратки германска стока се испратени во САД, во вредност од 13,4 милијарди евра, 5,7 отсто повеќе отколку во април. Увозот од САД е зголемен за 9,7 отсто, на 7,4 милијарди евра.
Најмногу стоки Германија во мај увезла од Кина, во вредност од 18 милијарди евра, но за 1,6 отсто помалку отколку во април. Извозот во Кина благо се зголемил за 0,5 отсто, на 8,7 милијарди евра.
На годишно ниво, германскиот извоз бележи пораст од 19 отсто во мај, а увозот за 33,6 отсто, откривајќи скок на цените на енергенсите, поттикнат од бранот зголемена побарувачка како последица на економско закрепнување од корона-кризата и санкциите воведени кон Русија.