Главниот и одговорен уредник на бугарскиот весник 24 Часа, Борислав Зумбулев, во својата колумна (во бројот од 11 јули) застапува ставови што се различни од актуелните на Бугарија во однос на Македонија.

„Има една едноставна вистина која мора да ја сфатат сите Бугари. Проширувањето на ЕУ со земјите од Западен Балкан е важно за нас, не толку за самиот Западен Балкан.

Ако Македонија не биде прифатена, таа останува српско прокси населено со луѓе кои нè мразат, а ризикот од војна е многу реален. Всушност, заканата од воен конфликт, во кој страна е Бугарија, е поверојатно да започне од запад, иако финансиран и поттикнат од евроазиски фантазми, отколку од североисток.

Антибугарските демонстрации во Скопје имаат една парола – ‘Бугари фашисти’. И да, навистина, Бугарија ја администрираше поранешната југословенска Република Македонија и нејзиниот егејски дел за време на Третиот Рајх.

И да, навистина, од овие територии беа депортирани 11.480 Евреи во логорите на смртта. Ова е историски факт кој тврдоглаво сакаме да биде заборавен, во сенка на подвигот за спасување на Евреите од старите територии. Што, се разбира, е невозможно. Го оставам настрана прашањето дека кај нас никогаш немало вистински нацизам и антисемитизам. Та и Зеленски е Евреин, но руската армија ја денацификува Украина.

Очигледно е дека Белград ќе почне нова војна – дали кон Бања Лука, дали кон Приштина, дали кон Скопје, не се нафаќам да прогнозирам. Но, за сите балкански народи би било добро целиот полуостров да биде во ЕУ, а не во некоја нова квази Југославија.

Затоа, бугарското Народно собрание мора да излезе со заедничка декларација, поддржана од сите политички сили (или барем повеќето од нив), дека му се извинува на македонскиот народ за тие години и нуди финансиски надомест на потомците на депортираните или на друг начин оштетени жители на Македонија.

Гест што ќе биде еднаков на клекнувањето на Вили Брант на 7 декември 1970 година во поранешното варшавско гето.

Точно е дека Бојко Борисов еднаш им се извини на македонските Евреи. Но, слична декларација токму денес ќе им ги затвори устите на српските неранимајковци во Скопје и ќе ја придобие Европа на бугарска страна. А освен тоа, тоа е знак на покајание за не толку светлите делови од нашата историја. Искреноста е најдобрата политика.

И по една ваква декларација полесно ќе се решаваат прашањата од типот чиј е Гоце Делчев, чиј цар е Самоил, каде стапнал коњот Шарец, каде се спомениците на бугарските војници и слично.

А непримањето на Македонија и на Албанија во ЕУ е скратен пат до нова војна на Балканот“, пишува Зумбулев во својата колумна за „24 часа“.