Во очи на собраниската расправа за срамниот предлог кој ја бугаризира Македонија ги повикуваме сите граѓани утре  (14.07.2022) во 12:00 часот пред Собранието на Република Македонија да излеземе масовно и да протестираме мирно и достоинствено против асимилација и бугаризација на Македонија, апелираат од ВМРО-ДПМНЕ.

„Да порачаме дека Македонија не е на продажба, дека информацијата и да помине во Собранието, уставните измени нема да поминат.  Власта мора да го отфрли предлогот“ – порачуваат од партијата.

И Левица повика на протест од 12 часот:

„Владејачката класа во и околу предавничката и криминогена Влада на СДС-ДУИ, исплашени од револтот на народот кој на протестите секојдневно, јасно, масовно и гласно им кажа НЕ ЗА БУГАРИЗАЦИЈАТА, ја префрла топката во Собранието на Македонија.

Очигледна е намерата на хибридниот режим да се амортизира притисокот од јавноста, кој очигледно го чувствува, па сè уште одбива да го објави Протоколот, во кој се инкорпорирани сите врховистички барања.

Поради тоа, нашите активисти кои до денес кампуваа пред Влада, утре се селат пред Собранието, каде ќе се расправа за пробугарскиот предлог. Ги повикуваме сите совесни Македонци и Македонки, кои досега неуморно маршираа секој ден, утре во 12:00 часот, да дојдат пред Собранието на Република Македонија.

Додека внатре пратениците дебатираат дали историјата и учебниците ќе бидат пишувани под бугарски диктат, дали АСНОМ и фашистичките злодела ќе се бришат поради “говор на омраза”, – народот пред Собрание гласно и јасно да порача НЕ ЗА БУГАРИЗАЦИЈА!“.

Дел од граѓаните, поставија шатори во паркот „Жена-борец“ спроти Собранието и рекоа дека ноќта ќе ја поминат таму.