Само со влегување во ЕУ Македонците може да ја сочуваат унитарноста на државата, советува Ејуп Бериша, советникот за правно-политички прашања на спикерот Талат Џафери.
– Само со влегувањето на С. Македонија во ЕУ се зачувуваат нејзината унитарност, територијалниот интегритет, суверенитетот, стабилноста и соживотот во нашата земја. ЕУ има искуство во решавањето на билатералните меѓудржавни спорови. ЕУ заедно со САД го „олеснија“ во 2001 година и постигнувањето на Охридскиот мировен договор, со кој заврши седумесечниот оружен судир меѓу силите на УЧК и полициско-воените сили на С.Македонија, вели Бериша, советникот на Џафери.
Ејупи овие совети ги дели во својата колумна со наслов „Зошто во С. Македонија толку врева и страв од француско-европската спогодба?“, која ја објави информативниот портал на албански јазик Алмакос.
– Затоа, треба да се остават настрана инаетењата и неразумните политички спротивставувања. Опозициските партии треба да направат напори да ги прифатат француско-европскиот предлог заедно со протоколот, со цел да се решат отворените прашања со Бугарија и нашата земја да ги започне час поскоро разговорите за целосно зачленување во ЕУ, советува Бериша.
Има и други алтернативи за С.Македонија, вели во колумната Бериша, но засега само членството во ЕУ е најдоброто, најприфатливото и најветувачкото решение.
– Сите други алтернативи, освен ЕУ, за С.Македонија и нејзините граѓани не се добри, туку се штетни и губитнички. Вревата и стравот на опозициските партии се прекумерни и непотребни во овој процес многу поважен за нашата земја, а не за Бугарија, затоа што оваа земја е земја-членка на ЕУ веќе петнаесет години со еднакви права со Германија и Франција како држави-основачи на ЕУ, додека С. Македонија не и е рамна ниту на Црна Гора, најмалата држава во Западниот Балкан, пишува покрај другото советникот на Џафери во својата колумна во Алмакос.