Денеска е 13 јули (по стар стил), Собор на Св. архангел Гаврил, се слават неговите чуда. Именден слават тие што го носат неговото име Гаврил.
Овој голем Божји Архангел се празнува на 26 март. На денешен ден пак, се слават и чествуваат неговите чуда и јавувања низ целата историја на човечкото спасение.
Се смета дека оваа слава е востановена најпрво на Света Гора во 9 век, за време на царевите Василиј и Константин Порфирородните и на патријархот Никола Хрисоверг, а по повод јавувањето на овој Архангел во една ќелија близу до Кареја, каде што со прст на камен ја испиша песната кон Пресвета Богородица „Достојно ест“. Заради овој настан таа ќелија и денес се нарекува ќелијата „Достојно ест“.
Во оваа прилика се приспомнуваат и останатите јавувања на Архангелот Гавриил: кога му се јави на Мојсеја кој во свое време го чуваше стадото Јоторово, а нему Архангелот како на Божји избраник му соопшти како е создаден светот, кое Мојсеј подоцна и го запиша во Книгата Битие; кога му се јави на пророкот Даниил и му ја објави тајната за идните царства и за доаѓањето на Спасителот;
Јавувањето на света Ана кога ѝ благовестеше со ветувањето дека ќе ја роди преблагословената и Пречиста Дева Марија; многукратното јавување на Пресветата Дева додека Таа пребиваше во храмот ерусалимски; кога му се јави на првосвештеникот Захарија и го извести за раѓањето на свети Јован Претеча и за казната на немост што ќе го постигне свети Захарија затоа што не им поверува на зборовите на Архангелот; кога повторно ѝ се јави на Пресветата Дева во Назарет и ѝ благовестеше за зачнувањето и раѓањето на Господ Исус Христос; јавувањето на праведниот Јосиф;
Јавувањето на пастирите кај Витлеем; Му се јави и на Самиот Господ во Гетсиманската градина, кога Господ како човек беше поткрепуван од овој Архангел пред страдањето; кога им се јави на жените Мироносици итн.