Многу тешка есен и катастрофална зима не очекува, со информациите со кои што јас располагам. Еве завршува јули почнува август, за еден месец од денеска започнува учебната година, а за два ипол месеци од денеска почнува грејната сезона. Немаат обезбедено мазут, немаат обезбедено гас, се редат договорите во четири очи за ископ во РЕК Битола, но не за вистински ископ туку за трупање во џебови на приватни лица и партиски каси, појасни претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски од Гевгелија одговарајќи на новинарско прашање каква есен и зима ја очекува Македонија.
Мицкоски додаде дека ако така продолжат од власта да се однесуваа неодговорно, Македонија ја очекува доста тешка зима со скапи енергенси, со голем удар по џебот на граѓаните и не ги исклучува ниту рестрикциите.
-И ако така продолжат, а не очекувам развој на настаните затоа што се знае кога треба се да е обезбедено, односно треба да е обезбедено во мај, а не сега да се обезбедува во 5 до 12. Очекувам да имаме исклучително сложена зима со многу скапи енергенси, со многу голем удар по џебот на народот и не ги исклучувам рестрикциите кои што мислам дека ако вака продолжат да се однесуваат ќе бидат неминовност, нагласи претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.
-И треба да сме сите свесни ако оваа Влада остане, час поскоро ни се подготвува тотален колапс на државата, рече Мицкоски.
Што се однеусва до локалната власт во Гевгелија, тој истакна граѓаните ја препознаа разликата помеѓу градоначалниците кои се од ВМРО-ДПМНЕ и коишто континуирано нешто ново градат, но и оние кои што се во Владата и континуирано крадат.
-За жал настанот е поради еден трагично загубен млад човечки живот. Убаво е игралиштето позади бидејќи е реновирано, реконструирано со поддршка на општина Гевгелија и со помош на Советот во општина Гевгелија заедно со градоначалникот Доне и јас сум навистина среќен и задоволен кога можам да присуствувам на вакви настани кога нешто се прави, кога нешто се гради затоа што разликата мора да биде јасна помеѓу градоначалниците кои што се од ВМРО-ДПМНЕ и коишто континуирано нешто ново градат, но и оние кои што се во Владата и континуирано крадат. Таа е разликата која што треба граѓаните да ја препознаат, рече Мицкоски и додаде:
-Јас сум убеден дека таа ја препознаа на локалните избори и ќе ја препознаат на следните предвремени парламентарни избори кога коалиција што ќе ја предводи ВМРО-ДПМНЕ ќе има мнозинство во македонскиот парламент, додаде Мицкоски.
-Уште еднаш честитам на Андон овдека за овој прекрасен спортски објект кој што сум убеден дека многу млади луѓе од овдека, од Гевгелија, многу кошаркари ќе го користат. За жал причината за сето тоа можеби е еден прерано згаснат човечки живот, нека му е лесна земја, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
-И нека се множат уште многу вакви спортски објекти не само овдека во Гевгелија туку насекаде во Македонија бидејќи во спортот се гради и духот и карактерот на младите луѓе којшто потоа треба да прераснат во зрели личности кои што понатаму треба да ја градат Македонија, изјави Мицкоски.