Министерката за надворешни работи на Германија Аналена Бербок во рамките на дводневната посета на Грција, денеска ќе се сретне со грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис и со шефот на грчката дипломатија Никос Дендиас, јави дописничката на МИА од Атина.
Според Министерството за надворешни работи на Грција, Дендиас и Бербок ќе разговараат за билатералните односи, за случувањата во Источниот Медитеран, руската инвазија на Украина, ситуацијата на Западен Балкан и за перспективите за енергетска соработка.
Шефицата на германската дипломатија вчера пристигна во Атина, го посети споменикот на Холокаустот и положи цвеќе, а потоа во придружба на министерот за миграција и азил на Грција Нотис Митаракис посети прифатен центар за бегалци и мигранти.
Бербок, првично беше закажано да ја посети Атина на почетокот на јуни, меѓутоа патувањето на германската министерка како во Грција, така и во други земји во тој период беа откажани и одложени откако се зарази со Ковид-19.
Од Грција, шефицата на германската дипломатија ќе замине во посета на Турција.
Министерот за надворешни работи на Грција пак, попладнево, по средбата со Бербок заминува за Париз каде што ќе се сретне со неговата француска колешка Катрин Колона.
Од грчкото МНР соопштија дека се очекува разговорите да се фокусираат на натамошното зајакнување на стратешкото партнерство меѓу Грција и Франција, на случувањата во Источниот Медитеран, на руската инвазија на Украина, на новата европска безбедносна архитектура и на состојбите на Западен Балкан, како и на случувањата во Либија.
Ова ќе биде прва средба на министрите за надворешни работи на Грција и Франција по формирањето на новата француска Влада.