В сабота со концерт на плоштадот Скендербег во Скопје ќе се обележи 21 година од Рамковниот договор и започнувањето на преговорите за полноправно членство во Европската Унија.
Настанот е организација на Министерството за политички систем, на чие чело е Артан Груби.
– Првото издание на фестивалот кој се стреми да стане традиционален, ќе се одржи на плоштадот „Скендербег” во Скопје со настап на познати музички звезди, меѓу кои и Антониа Гиговска. Заедно одбележуваме 21 годишнина од Охридскиот рамковен договор како и започнување на преговори за полноправно членство во Европската Унија, се вели на фејсбук-страницата на Министерството, од каде додаваат дека овој музички фестивал би можел да прерасне во неколкудневен музички настан по примерот на Егзит во Нови Сад.
Иако настап на оваа прослава требаше да има Антониа Гиговска, сепак таа денеска го откажа бидејќи како што вели младата пејачка не знаела дека настанот е од политичка конотација.
– Менаџментот прифати ангажман за кој не знаев/ не знаевме дека има политичка конотација, па оттаму бев приморана да го откажам мојот ангажман, се разбира со секоја почит према организаторот и према било која политичка страна, јас не сакам да бидам дела од такви манифестации бидејќи политиката не ме интересира… Мојата работа е да правам музика која ќе остане и на фановите да им го дадам најдоброто од мене, стои во пораката од Гиговска.
Покрај фестивалот, Министерството организира школа за млади лидери ,,Peace Forum Dialogue”. 4.200.000 денари ќе бидат потрошени за одбележувањето на Рамковниот договор, а од Министерството велат дека и покрај тоа што се наоѓаме во економска криза, овој договор е темел на државата и треба да се слави и во иднина.
Музичкиот настан ќе се одржи на 13-ти август, во сабота, со почеток од 21 часот.