Бугарија ќе финансира проекти на бугарски организации во шест земји, меѓу кои и Македонија
Бугарија обезбедува 800.000 лева за поддршка на Бугари и бугарските заедници во други земји, а овие дополнителни трошоци се веќе вклучени во буџетот на МНР за оваа година, објави бугарското МНР.
– Со издвоените 800.000 лева од буџетот на бугарското МНР за оваа година, ќе се поддржат проекти на бугарски организации во Албанија, Србија, Косово, Украина, Молдавија, како и граѓани со бугарска самосвест во РС Македонија, информираа од Министерството, пренесе БНР.
Средствата, како што се посочува, се за спроведување на четиригодишна проектна програма за поддршка на организациите на бугарските заедници во шесте земји.
– Програмата трае до 2024 година и ќе финансира проекти од различни области во чија основа е зачувување на бугарската култура и самосвест, нивно популаризирање во странство, како и грижа за локалното културно и историско наследство, поддршка на бугарскиот јазик во странство и емитување медиумски материјали на бугарски јазик, изјави заменик министерот за надворешни работи Костадин Коџабашев.
Тој појаснува како се аплицира за средствата:
– Нашите организации во странство, кои сакаат да ги користат финансиите, треба да аплицираат со своите проекти, овие проекти се испраќаат во Софија преку нашите дипломатски претставништва, постои специјално создадена комисија која ги разгледува многу темелно, а има најмалку 20 критериуми на кои треба да се одговори. По одобрувањето дел од парите се префрлаат за да може самиот проект да започне. По завршувањето на проектот предметната комисија повторно детално го разгледува, а откако ќе се одобри проектот остатокот од парите се исплаќаат, објаснува Коџабашев.