„Ние треба да го локализираме изворот на проблемот, а тоа е Договорот кој што го има Република Македонија потпишано со Република Бугарија, тој август месец 2017-тата година. Од тој Договор практично потекнуваат сите проблеми, бидејќи ние и тогаш реагиравме како политичка партија и како луѓе дека е избрзан и дека тој Договор практично не е решение, туку напротив ќе претставува проблем што потоа низ годините се виде дека е проблем“, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во гостување во централниот дневник на Сител телевизија.
Мицкоски додаде дека треба да се локализира изворот на проблемот.
„И има поедини размислувања во јавноста околу тоа дали ќе има промена на Уставот или ќе нема, еве и Пендаровски тоа го констатира конечно тоа што јас го најавив, а тоа е дека во моментот под овие околности ВМРО-ДПМНЕ нема да даде поддршка на промена на Уставот, а со цел вклучување на дел од бугарскиот народ во Преамбулата“, нагласи претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој посочи дека Договорот не се гледа низ партиска диоптрија туку низ македонска.
Мицкоски додаде и дека се вршат консултации за референдумското прашање, а до референдум може да се стигне или преку 150 000 потписи или преку 44-те пратениците на ВМРО-ДПМНЕ.
-Ние зборуваме за политички процес, за процес каде нашиот билатерален проблем со Бугарија во следна фаза ако помине таа промена во Уставот, станува наш проблем со цела Европска Унија, изјави Мицкоски.
„Повторно ќе ви кажам, ние нема да зборуваме за 21-от, век за подобро образование, здравство и сето она останато што веќе го набројав. Туку повторно ние сега ќе зборуваме за времето на пошто гледам овие скапо платени членови на таа комисија со по неколку десетици илјади евра хонорари кои ги земале некои и стотици илјади евра изминатиот период си потпишаа за средниот век за Самоиловата држава, за Кирил и Методиј, Климент и Наум“, кажа Мицкоски.
„И сето за хонорари, во јавноста излегоа сумите, нели претседателот имаше околу 80,000 евра хонорар, ако не се лажам. Барем така циркулираше по медиумите а тоа тој не го демантираше тоа. Јас колку што успеав да видам вкупно сите членови имаат поделено некаде околу 200,000 евра, а претседателот Драги Ѓорѓиев новиот академик 80,000 евра“, истакна Мицкоски.
Мицкоски потенцираше дека сега следна фаза се преродбениците.
„Сега е Шапкарев, Мисирков, Миладиновци, Пејчиновиќ итн. Потоа ќе дојдат Илинденците и тоа се практично теми кои ние предупредувавме дека ќе бидат теми кои ќе бидат дел од тој процес“.