На локацијата на поранешната фабрика „Треска“ не смеат да започнат градежни работи, вели претседателката на антикорупциската комисија, Билјана Ивановска за Дојче Веле, по информациите дека општина Центар започнува со расчистување на објектите од поранешната фабрика, што ги разгоре сомневањата во јавноста дека можеби се подготвува терен за да започне бетонизацијата на една од најатрактивните локации во Скопје.

„Како што сме информирани, во Јавното обвинителство се водат два предмети за фабриката ‘Треска’. Додека тие не завршат не смеат да започнат градежни работи на оваа локација“, децидна е Ивановска.

Таа посочува дека во моментов има важечки, но противзаконски Детален урбанистички план.

„Поради тоа се поставува прашањето дали е легитимно да се даваат одобренија по еден ваков противзаконски ДУП“, прашува Ивановска.

Инаку, откако пред пет месеци гореше просторот кај некогашната фабрика „Треска“, а градоначалничката Данела Арсовска индицираше дека можеби пожарот е подметнат, вчера и официјално започна расчистување на локацијата. Градоначалникот Горан Герасимовски направи увид на просторот и рече дека до до општината пристигнале 36 барања за издавање решенија за отстранување, од кои се одобрени 13. Се осврна и на азбестот и негативното влијание по здравјето на граѓаните. Според него, чистењето кај „Треска“ трае две недели, ќе се одвива плански и во неколку фази, а отстранувањето ќе го вршат самите сопственици. Отпадот треба да биде депониран во Дрисла и соодветно уништен.