„УЧИТЕЛОТ“ против УЧЕНИЦИТЕ, владата против локалната самоуправа!
Гордана СИЛЈАНОВСКА ДАВКОВА
Каков е тој „ професор“ кој одзема гимназиска зграда и му ја дава на Катастарот? Никаков! Какво е тоа „ едно општество за сите“ во кое постои сегрегација во средното образование, па учениците Албанци и учениците Македонци, средношколскиот живот го минуваат одвоено? Никакво. Каде ќе другаруваат, каде ќе видат дека имаат слични радости и проблеми, каде ќе се вљубуваат без оглед на нација и вера? Никаде! Каква е таа држава во која т.н „ прв заменик на премиерот“, небаре феудален сопственик на Тетово, одзема општинска сопственост (средношколската зграда) и му ја подарува на трајно користење на Катастарот? Никаква, предграѓанска!
Како учителка по вокација, на привремена работа во собранието, не можам да поверувам дека „учителов“, откако ГРУБО обзнани за време на локалните избори дека Кичево било воен плен на ОНА, дополнувајќи ja “хуманата“ порака на СВОЈОТ doctor honoris sine causa: „ВМРО-ДПМНЕ, (всушност кандидатот, др Јовановски, чија сопруга е Албанка) да ги тргне рацете од Кичево“, сега, од позицијата на министер, господарски се однесува кон Тетово, иако неговата партија ја изгуби власта во него. Не му/им помогна ни зелената фабрика, ни зелено- синиот предизборен фестивал на олигархиската дружина, ни ПРВАТА партиска лопата, ни подарените државни пари од даночните обрзници на банкрот фирмата! Најчудно беше што на настанот го немаше првиот човек на Тетово, градоначалникот Касами, а РЕДНО БЕШЕ! Можеби ДУИ смета дека штом ПАРТИСКАТА ПРЕСТОЛНИНА е во Мала Речица, градот под опустошената ШАРА, мора да е нивен!
Еден „ учител“ СЕКОГАШ мора да биде на страната на учениците и ОБРАЗОВАНИЕТО. Зарем министеров не ја знае ОДИСЕЈАТА на гимназијата „ Кирил Пејчиновиќ“? Пак ли ќе талкаат средношколците по руинирани и несоодветни објекти, чекајќи еден ден да ја здогледаат ветената НОВА ЗГРАДА, небаре Пенелопа? Зарем документите му се поважни од учениците и професорите? Зарем, како „ учител“ се чувствува пријатно, ВДОМЕН во огромната зграда што му служи за роденденски и партиски „ МИРОВНИ“ забави, живеејќи по начелото : „ни работа, ни сабота“.
Го упатувам г-динот Груби на извештаите на Конгресот на локални и регионални власти за „ локалната демократија во Македонија“ што укажуваа на потребата од гарантирање општинска сопственост како неопходна претпоставка за развиена локалната самоуправа и демократија! Зарем никој(а) од ПРЕКУБРОЈНИТЕ вработени во неговото УНИКАТНО МИНИСТЕРСТВО, пред да ја потпише бизарната одлука на Владата, не му кажа дека недвижниот имот на средните училишта е општинска сопственост?
Кај беше другиот „ учител“, со професорска титула , попознат како непознат премиер, да го брани правото на средно образование (патем, задолжително кај нас )?! Молчел или не знаел, се разбира.
Господинот Груби е ДОКАЖАН ГРУБ ЕГЗЕКУТОР на ПРАВОТО, во име на етно – партиската политика! Иако непрекинато ГЛАГОЛИ за ЕУ, рекламирајќи ја ДУИ како најевропската партија, СКРИВА дека нема НИТУ ТРАГ НИТУ ГЛАС од неа во ниту една ЕВРОПСКА ПАРТИСКА ФАМИЛИЈА! SUI GENERIS партија!
На градоначалникот на Тетово, г-динот Касами, како сегашна и долгогодишна членка на Групата на независни експерти за Европската повелба за локална самоуправа, многу пати избрана врз основа на КОНКУРС, му препорачувам ДА ГО ИНФОРМИРА Конгресот на локални и регионални власти на Советот на Европа за НЕЗАКОНСКИОТ И НЕДЕМОКРАТСКИ УПАД на ВЛАДАТА во располагањето и управувањето со недвижниот имот на општина Тетово!