По пет години истрага во Прага денеска почна судењето на поранешниот чешки премиер Андреј Бабиш, кој се товари дека пред 13 години на измама добил дотации од околу два милиона евра за семејната фарма и за конференцискиот центар Гнездото на штркот.
Заедно со Бабиш одговара и поранешната менаџерка на агро и петрохемискиот концерн Агроферт на Бабиш, Јана Надјова, која според обвинението со махинации добила пари од Европска Унија за Гнездото на штркот.
Гнездото на штркот до 2007 година беше дел од концернот Агроферт, а потоа стана акционерско друштво, во кое сопственици на акциите беа децата на Бабиш и неговата невенчана сопруга Моника. Според обвинението фармата добила два милиона евра од фондовите на ЕУ за мали претпријатија, на што немала право како дел од концертот.
Државниот обвинител за кривично дело манипулација со европските субвенции бара условна казна затвор од три години и за Бабиш и за Надјва, како и парична казна од 416.000 евра за поранешниот премиер и 20.000 евра за поранешната менаџерка.
– Јас сум невин. Драго ми е што сите ќе ги видат моите аргументи против тоа лажно обвинение. Тоа е политички мотивирано кривично гонење. Се надевам дека судот ќе биде независен, изјави Бабиш пред да влезе во судница.
Судењето на поранешниот премиер на деценијата предизвика голем интерес кај медиумите и граѓаните, за кои беа издвоени 80 бесплатни билети за да го следат директно во салата, што главно го користеа противниците на Бабиш, кои извикуваа „Конечно“ и „Дојде судниот ден“.
Активистите на невладиното здружение „Еден милион моменти за демократија“, кои додека Бабиш беше премиер до есента 2021 година, успеаја да соберат стотици илјади луѓе на демонстрациите против него во Прага, донесоа модел на затворска ќелија со решетки и фотографија од Бабиш.
– Сакаме да му ја покажеме можната иднина, порачаа утрово организаторите на протестот.
За време на веќе закажаните рочишта, судот се подготвува да сослуша 40 сведоци до 21 октомври, но не се очекува судењето да биде завршено во тој рок.