Унгарија има доволно резерви на гас во своите складишта пред зимата благодарение на испораките од Руската Федерација, но многу други европски земји нема да можат да ја преживеат зимата без руско гориво, изјави унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто.
Во интервју за РИА Новости, тој рече дека не може да зборува во име на други земји, но дека Унгарија нема да може да се справи со зимата ако испораките на руски гас престанат. Ги повика колегите во Европа, како што рече, „да бидат реални“ бидејќи проблемите во енергетскиот сектор не се од политичка, идеолошка или фиктивна природа.
– Тоа се реални проблеми и мораме сериозно да ги сфатиме, потенцира Сијарто.
Унгарскиот министер за надворешни работи изрази жалење што тој е единствениот претставник на ЕУ кој се сретна со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров на маргините на Генералното собрание на ОН оваа недела.
Според него, Европската унија треба да ја искористи секоја можност за дијалог со Русија.
– Жал ми е што јас бев единствениот од ЕУ што разговарав со него, бидејќи ако повеќе наши колеги разговараа со Лавров, тоа може да помогне во решавањето на конфликтот, или барем сигурно нема да ги намали шансите за конфликт. И сега мислам дека во овие околности, требаше да ја искористиме секоја можност, изјави Сијарто за РИА Новости.
Тој посочи дека е во постојан контакт со Лавров.
– Затоа што верувам дека разговорот и дијалогот мора да продолжат, особено во сегашните услови, кога тензиите растат и опасноста од ескалација на војната е, за жал, реална. Ако не разговараме меѓу себе, ќе предизвикаме уште посериозни штета, рече Сијарто.
Унгарскиот министер оцени дека „ако нема дијалог меѓу Западот и Русија, меѓу Европа и Русија, тогаш сè може да оди уште полошо отколку што беше порано, што треба да се избегнува“.