Во Европскиот парламент во Стразбур ппродолжува со работа 20-от Состанок на Мешовитиот парламентарен комитет – Република Македонија и ЕУ (Парламентарен комитет за стабилизација и асоцијација), кој првпат се одржува откако Македонија ги отпочна преговорите за членство во ЕУ. Претставниците на европските институции, европратениците и македонските пратеници инсистираа на фактот дека почна нова фаза во односите меѓу ЕУ и Република Македонија, а земјата мора да остане посветена на реформите и потребен е консензус за евроатлантските процеси, јави дописникот на МИА од Стразбур.
Македонските пратеници и европратениците на втората сесија на 20-тиот Мешовит парламентарен комитет – ЕУ и Македонија ќе дебатираат за животната средина и енергетиката, добрососедски односи и регионална соработка, извештај за Дијалогот Жан Моне, за на крајот да бидат усвоени препораките. Вчера тие разменија мислења за владеењето на правото, борбата против организиран криминал и корупција и за Граѓанско општество и медиумите.
Европратеникот Андреас Шидер во своето воведно обраќање нагласи дека кредибил
Микела Матуела, вршителот на должноста директор за Западен Балкан во Генералниот Директорат за соседство и преговори за проширување на Унијата пред пратениците од двата парламенти рече дека „со почетокот на преговорите односите меѓу Македонија и ЕУ влегуваат во една нова фаза, а процесот на скринингот не е само технички, туку процес на трансформација“.
Постојаниот известувач за Македонија во Европскиот парламент Илхан Ќучук посочи дека „процесот на преговори е во сигурни раце и дека Северна Македонија ги заслужува сите пофалби за посветеноста на евроинтеграциите, регионалната соработка и добрососедските односи“.
Вицепремиерот задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ во своето обраќање нагласи дека „Парламентот ќе биде клучен партнер во пристапувањето во Европската Унија, од кого ќе зависи динамиката на текот на преговорите, особено од улогата и активноста на неговите тела – Комисијата за европски прашања и Националниот совет за евроинтеграции“.
-Седумнаесет години С. Македонија го чекаше почетокот на преговорите со Унијата, сега мора да се има национален консензус и ќе дефинираме механизми за сите пратеници да се вклучат во процесот. Овој историски момент за исполнување на стратешката цел – С. Македонија да биде членка на ЕУ и треба да го искористиме, рече Маричиќ пред членовите на Мешовитиот парламентарен комитет помеѓу С. Македонија и ЕУ, нагласи вицепремиерот Маричиќ.
Маричиќ во своето обраќање ја претстави новата усвоена преговарачка структура, која е дефинирана да одговори на новата методологија и истовремено да овозможи транспарентност и инклузивност на процесот, за кој, рече дека е потребно вклучување и соработка со различни чинители како што се граѓанското општество, академската и бизнис заедницата и сите други засегнати страни.
Вицепремиерот Маричиќ ја потврди посветеноста на Владата во обезбедувањето непречен процес на преговори со Унијата паралелно со одржувањето на добрососедските односи и реализацијата на преземените обврски. Ги претстави и активностите кои Владата ги реализира во одредени поглавја и постигнатиот напредок, како и планираните активности во претстојниот период во продолжение на објаснувачките состаноци.
Пратеничката Соња Мираковска, копретседавач на Мешовитиот парламентарен комитет Македонија-ЕУ, изрази задоволство што овој пат македонските пратеници учествуваат на состанокот, кога, како што рече, Македонија има поинаков статус во евроинтеграциите, како земја која ги отпочнала преговорите за членство во ЕУ. Потенцираше дека тоа е благодарение на државничките одлуки и чекори кои беа преземени од страна на македонските институции во изминатите месеци.
-Свесни сме дека пристапните преговори не се едноставна техничка операција, туку комплексен пакет на реформи, адаптација на институционалната инфраструктура и засилена информативна активност во јавноста за предностите од нивното спроведување, рече Мираковска. Таа додаде дека Собранието на С. Македонија и секој од нив поединечно како пратеници, ќе вложат максимални напори како и досега, процесот да тече непречено и дека ќе дадат придонес во обезбедувањето соодветна јавна поддршка, преку јавни дебата и директни контакти со граѓаните кои ќе обезбедат донесување на што поквалитетни законски решенија, во областите предмет на овие преговори, изјави Мираковска.
Имајќи ги предвид реакциите во јавноста за содржината на Предлог-преговарачката рамка, Соња Мираковска потсети дека Собранието донесе заклучоци со кои се задолжува сегашната и идните влади да ги почитуваат „нашите црвени линии во текот на самиот процес на преговори“.
Европратениците и македонските пратеници се очекува на крајот од состанокот да усвојат заеднички препораки предложени заеднички од копретседателите на МПК, Соња Мираковса и Андреас Шидер.
Основна цел на МПК е разгледување на сите аспекти на односите меѓу Република Македонија и ЕУ, особено имплементацијата на Спогодбата за стабилизација и асоцијација. Комитетот формално придонесува кон издигнување на повисоко ниво на односите и соработката на Собранието со Европскиот парламент, но неговата улога во Спогодбата налага обврска за Советот на ЕУ, Европската комисија и Владата на Република Македонија за нивно целосно учество во неговата работа и редовно информирање на секој состанок на МПК за степенот на спроведување на Спогодбата.