Советот на општината Благоевград (Горна Џумаја) усвои декларација со која „категорично се спротивставува на антибугарската провокација“ со отворањето на македонскиот културен клуб Никола Вапцаров што е најавено за 30 овој месец.
– Благоевград нема да биде центар за слични пропагандни провокации, се вели во декларацијата.
Советникот Кирил Илиев од ГЕРБ, , како што пренесе Експрес, изјави дека со оваа декларација им порачуваат на „македонистите“ дека не се добредојдени во градот.
Клубот Никола Вапцаров на Здружението за заштита на основните индивидуални човекови права, а финансиски помаган од Македонското меѓународно движење за човекови права (ММДПЧ) од Канада, веќе има изнајмено простории во Благоевград, кој е најголем град во Пиринска Македонија, но уште пред неговото официјално отворање веднаш по поставувањето на таблата пд истата беше извадена буквата „М“ од зборот „Македонски“.
Наспроти овие официјални спротивставувања на властите во Бугарија, во Македонија веќе се отворени два бугарски клуба, Ванчо Михајлов во Битола, како и Цар Борис Трети во Охрид, а најавено е отворање на бугарски клуб Цар Фердинанд и други. И досега ниту централната власт во Македонија, ниту локалните власти не реагирале како во Бугарија.
Македонските власти, како што беше случајот пред некој ден, реагираа кога беше оштетена таблата во Охрид, а Министерството за надорешни работи веднаш го осуди овој чин.
Инаку, уште летоска, премиерот Димитар Ковачевски најави дека и Македонија ќе отвори културен клуб во Бугарија, како што таа го прави во нашата земја. Но, ветувањето остана само уште едно од многуте неисполнети.