Во моментов Владата функционира со стабилно мнозинство и на тоа сите сме сведоци, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски, кој на Македонија и ја додаде и придавката европска покрај досегашната северна.
Тој посочи дека во државата има два концепти, едниот е за европска Македонија, а другиот против пристапувањето на државата во Европската Унија.
– Едниот концепт е за европска С. Македонија, држава која што преговара со ЕУ, држава која што сака да ги исполни своите обврски преземени со ЕУ, а притоа да се задржат и македонскиот јазик и идентитетот на македонскиот народ и сите културни и карактеристики на македонскиот народ во секоја смисла, истакна Ковачевски одговарајќи на новинарско прашање по посетата на Општата градска болница во Гостивар.
Другиот концепт, според премиерот, е против пристапувањето на државата во Европската Унија.
-Тој друг концепт го гледавме 11 години во државата каде што ако ги споредиме тогашните извештаи на ЕУ за земјава, ќе видиме дека тогаш бевме окарактеризирани како заробена држава во која што нема владеење на правото, на демократијата итн, рече Ковачевски.
Според него, ако го погледнеме Извештајот на ЕК, што беше презентиран пред само неколку дена, тогаш ќе видиме прво напредок во сите области во државата – во некои повеќе, во некои помалку, меѓутоа напредок во сите области и за првпат во историјата на овие извештаи Владата е подобро оценета од опозицијата.
Премиерот потсети дека на неговото обраќање на последната седница за пратенички прашања во Парламентот ги повикал сите пратеници и политички партии коишто се за концептот за европска Македонија, за концептот за држава која што е членка на ЕУ до 2030 година дека вратите за соработка на оваа Влада се отворени без исклучок на нивната политичка припадност.
-Пред нас има одлуки коишто треба да ги носиме. Тие одлуки мора да се носат со широк консензус во државата како што се носени и сите претходно и сите оние коишто сакаат да бидат дел од просперитетна, напредна и држава со визија во која што младите ќе знаат дека за 10 години од сега или за осум години од сега ќе станеме земја членка на ЕУ својата иднина да ја гледаат тука, а не да ја гледаат во земјите членки на ЕУ… рече Ковачевски.
Во државата, како што посочи премиерот, има политичари коишто заради својот личен и политички интерес не сакаат да дозволат, односно блокираат на секој начин државата да биде дел од ЕУ.
-Доколку во опозицијата има политички партии коишто сакаат да бидат дел од овој процес сите се добредојдени заедно низ Парламентот, низ дискусија, низ телата на Парламентот ова да го направиме што побрзо за добробит на идните генерации. Затоа зашто одлуките коишто јас ги носам не ги носам заради мојата политичка кариера. Ги носам заради иднината на сегашните и на идните генерации, на овие млади коишто треба да имаат и поголеми плати и подобри работни места и да живеат во држава во која што владее демократија, во која што нема криминал и корупција, во која што владее правото, во која што има социјална правда и во која секој може да го каже своето мислење без разлика на неговата припадност во било која основа, нагласи Ковачевски.