Кинескиот претседател Си Џинпинг во својот говор на денеска отворениот Конгрес на кинеската Комунистичка партија изјави дека кинескиот народ тредба да одлучи за тајванското прашање и дека Кина никогаш нема да се откаже од правото на употреба на сила, но и нагласи дека ќе се залага за мирно решение на проблемот, јави Ксинхуа.
Претседателот Си ги даде овие забелешки од Големата сала на народот во Пекинг каде се одржува 20. Национален конгрес на кинеската Комунистичка партија (ККП), на кој присуствуваат водечки кинески владини претставници и околу 2.300 делегати.
– Пекинг отсекогаш го почитувал, се грижел и работел за благосостојбата на тајванскиот народ и бил посветен на развојот на економската и културната размена преку Тајванскиот теснец. Тајванското прашање е наше внатрешно прашање и зависи од кинескиот народ да одлучи. Бараме мирно обединување, но никогаш нема да ветиме дека ќе се откажеме од употребата на сила. Нема да дозволиме мешање на странска сила и дејствија на многу мал дел од населението кои се за независност на Тајван, спротивно на мислењето на мнозинството од народот на Тајван, рече Си.
Кина го смета Тајван за своја територија и покрај силното противење на владата во Тајпеј, која го отфрла кинескиот суверенитет и тврди дека само луѓето на островот имаат право да одлучуваат за својата судбина.
Зборувајќи за Хонг Конг, Си кажа дека Кина мора да го охрабри Хонг Конг, со кој управуваат патриоти и додаде дека Кина ќе го поддржи Хонг Конг во обединувањето со главната територија на нашата земја.
Тој посочи дека една земја, два системи е најдобриот модел за Хонг Конг и дека на тоа мора да се работи на долг рок.
Кинескиот претседател кажа дека земјата ќе го забрза правењето на кинеската војска армија од светска класа и ќе ги зајакне одбранбените способности.
Тој се осврна и на борбата против Ковид, во која, како што нагласи, Кина води политика на нулта толеранција за Ковид-19.
– Наш приоритет беа луѓето, животот, немавме толеранција кон Ковид-19 и постигнавме исклучително позитивни резултати во превенцијата и контролата на епидемијата, како и во однос на економскиот и социјалниот развој, рече Си.
Тој нагласи дека КПК постигнала историски достигнувања и промени во изминатите 10 години, како и дека во тој период постигнала историски раст на економската сила, јавува Кинеското меѓународно радио.
– Во изминатата деценија кинескиот БДП од 54 порасна на 114 трилиони јуани (околу 16 милијарди долари), и сочинува 18,5 отсто од светскиот БДП, што претставува раст од 7,2 отсто. Кина е сè уште втора по големина економија во светот, а БДП по глава на жител се зголеми од 39.800 јуани (5.500 долари) на 81.000 јуани (11.300 долари), додаде Си, истакнувајќи дека Кина го држи првото место во светот во производството на жито.
Тој, исто така, истакна дека Кина постигнала технолошки напредок во клучните области и поттикнала нови стратешки индустрии.
– Видовме голем успех на повеќе фронтови, вклучително и вселенски лет со екипаж, истражување на Месечината и Марс. Исто така, испративме сонди за истражување на длабоките мориња и земјата, изградивме суперкомпјутери, сателитска навигација, употреба на квантни информации, технологија за нуклеарна енергија. Правиме авиони, развиваме биомедицина, рече кинескиот претседател.
Џинпинг нагласи дека ККП има за цел да ја реализира социјалистичката модернизација до 2035 година, а од 2035 до средината на векот да ја трансформира Кина во голема модерна социјалистичка земја, која е просперитетна, силна, демократска, културно напредна, хармонична и убава.
Кинескиот лидер додаде дека ККП постигна убедлива победа и целосно ги консолидираше своите редови во борбата против корупцијата.
– Водевме невидена борба против корупцијата без преседан во нашата историја. Водени од силно чувство на пристојност, казнивме неколку илјади луѓе наместо да дозволиме да пропадне населението од 1,4 милијарди. Ја исчистивме нашата партија, рече Си.
Конгресот на ККП се одржува еднаш на секои пет години, ќе трае до 22 октомври, а се очекува актуелниот лидер Си (69) по трет пат да добие петгодишен мандат.