Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека се договорил со рускиот претседател Владимир Путин за изградба на гасен центар, преку кој, како што рече, Европа ќе може да добие руски гас преку Турција.

– Сега Европа размислува како да обезбеди енергија во претстојната зима. Ние, фала Богу, немаме таков проблем. Згора на тоа, на нашата последна средба со господинот Путин се договоривме за создавање на гасен центар во Турција, како што самиот најави, Европа може да користи руски гас преку Турција, рече Ердоган на состанокот на неговата партија.

Претходно Путин изјави дека Русија може да го премести транзитот на гас од „северните текови“ во регионот на Црното Море и Турција. За идејата разговарал и со Ердоган, а биле дадени наредби ова прашање детално и итно да се разгледа.

Ердоган претходно изјави дека Турција следи политика на рамнотежа меѓу Русија и Украина и така ќе продолжи.

Тој вели, ситуацијата е таква што Русија го искористила својот адут, а Европа е во неволја, за што можело да се погрижи порано. Но, Ердоган верува дека ќе се најде дипломатско решение.

– Русија престана да испорачува гас, цените се зголемија, а сега сите бараат алтернативи. Зошто претходно не размислувавте за тоа? Русија очигледно имаше кец во ракавот, рече Ердоган.