По Алијанса за Албанците (АА), и втората опозициска партија од албанскиот блок, Беса, излезе со услов за поддршка на уставните измени со кои Бугарите и други народи би се вметнале во Преамбулата од Уставот. Условот е терминот „20 проценти“ да се замени со „албански јазик“.

„Тоа е еден од условите што кога ќе се отворат уставните промени ние ќе излезе со конкретни барања. Главното барање ќе биде ова“, рече денеска на прес-конференција Арафат Шабани од Беса.

Тој рече дека очекува многу порационален пристап од македонска страна во однос на ова прашање со оглед дека свеста е зголемена и Македонците најдобро го разбираат овој проблем.

„Мислам дека статусот на македонскиот јазик треба да се реши еднаш засекогаш, не само во Македонија, туку и надвор од Македонија. Исто и статусот на албанскиот јазик, бидејќи е многу понижувачки албанскиот јазик да се идентификува како ’20 проценти‘. Мислам дека тука има услови од сите членови на политичкиот фактор да се реши и од тоа да не се очекуваат политички поени“, рече Шабани.

Со слична позиција пред три дена настапи и в.д. претседателот на АА, Арбен Таравари. Тој рече и дека смета оти на вакви промени подготвени се и сите македонски партии.

„Предлогот ќе биде нешто што не ќе може да се одбие. Едно од барањата ќе биде и еднаш за секогаш да ја тргнеме формулацијата 20 отсто и да биде барем како што беше во Југославија, македонскиот и албанскиот јазик беа јазици коишто официјално се користеа. За тоа мислам дека има подготвеност од сите македонскиот партии“, рече Таравари.