Добро е дека се разговара за уставните измени и сметам дека тоа треба да биде процес кој што се одвива во процедура согласно нашите закони. Штом ќе биде отворена таква процедура и се види дека има волја, сметам дека треба да се седне на маса и сите партии да го кажат својот став, за да се дојде прифатливо решение, изјави премиерот Димитар Ковачевски.
Ваков одговор даде Ковачевски на прашањето што мисли за ставот на Алијанса на Албанците и Беса кои најавија дека ќе гласаат за уставни измени само доколку се тргнат 20 отсто од Уставот за албанскиот јазик.
На прашањето дали би седнал да разговара со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски околу евентуалните уставни измени, Ковачевски вели дека веќе се виделе кога се разговарало за францускиот предлог и енергетската криза.
-Секогаш кога ќе има прашање од интерес за сите граѓаните, ќе се видиме како што разговараме и со лидерите на другите политички партии, рече премиерот.
Тој истакна дека засега немал разговор со ниту една политичка партија за вклучување во Владата.