Претеничката група на ВМРО-ДПМНЕ веднаш по објавувањето дека седницата ќе продолжи во 21 часот испрати соопштение до јавноста во кое посочува дека „согласно Член 68 став 4 од Деловникот на Собранието на Република Македонија, седницата на Собранието трае од 11 до 18 часот освен ако со писмо Претседателот на Собранието не одлучи поинаку.

– До овој момент, 18:30, немаме никакво известување и се смета дека денешната седница е завршена. Пратеничката група апелира до надлежните институции, особено до ЈО, да ги испитаат наводите изнесени во повеќе медиуми во текот на денот дека врз неколку пратеници во Собранието е вршен притисок и дека преку уцени, закани или понуди за поткуп се влијае врз нивната одлука за гласањето во однос на уставните измени, се вели во соопштението.

Собранието по целодневно чекање за 21 часот го закажа продолжението на седницата на која треба да продолжи расправата за пристапување кон уставни измени  за спроведување на Договорот од Преспа. Собраниската седница првично беше најавена за 12 часот, па одложена за 15 часот.

На излегување од Собрание премиерот Зоран Заев за една ТВ изјави дека се прават обиди  да се обезбеди мнозинство, но тоа да биде под нормални околности.

– Јас сум гостин. Како ќе се организира Парламентот, како ќе се закаже седницата тука сум. Се враќам во Влада да завршам работа, рече Заев во изјавата.