Македонските политичари колку погласно зборуваат за иднината на Македонија, толку почесто „од глава им се удира“ историјата во вид на пропаганда од соседите.

Во продолжение, објавуваме документ, од 19 век во кој како одговор на тогашните пропаганди на соседите, националниот деец Ѓорги Алексов, кој го издавал весникот Малешевски Балкан пишува: Ние не сме ни Бугари, ни Срби, ни Грци, туку Македонци!

Во продолжение објавата на страницата на Фејсбук која се објавуваат документи од историјата на Македонија и македонскиот народ:

БОРБА ПРОТИВ СРПСКАТА ШОВИНИСТИЧКА ПРОПАГАНДА: „МЕЃУ НАС НЕМА НИ БУГАРИ, НИ СРБИ, НИ ГРЦИ, ТУКУ САМО МАКЕДОНЦИ. ДА СЕ ЗНАЕ!”

Ѓорги Алексов е Македонец, општественик, новинар и македонски национален деец од македонското иселеништво во Бугарија. Дејствувал кон крајот на 19. век и го издавал весникот „Малешевски Балкан“. Во екот на растечката српска наци-шовинистичка пропаганда кон Македонија, во воведна статија од мај 1897 г., пишува:

„Пак трње во нашата градина! Во злосторната ревност да создадат свој елемент од нас, Македонците, некои балкански државнички – жртви на еден груб, криво оптегнат егоизам, немаат граници. Една од последниве е Србија…

Тие и трговски агенти си издејствувале во Сер… Чунким ќе ја покровителствува српската трговија! Тоа недоволно го тера човека да се запраша ’каква е аџаба таа натрапена добронамерност?’ И навистина, ако тие, како и бугарските управители, толку се беспокојат за злата судбина на нивните најдобри соседи – Македонците, само тој ли е најсигурниот пат со што можат да им помогнат?

А, тоа не е и никаква помош, туку една штета, едно убиствено парализирање на нашите сили. Или најлесно кажано, случајот е таков што тие наместо ’да ни нацртаат веѓи‘, ако, се разбира, навистина имаат намера да ни прават некое добро – ни ги вадат очите. Многу се лажат, ако пак, притоа си мислат дека со своите манири ќе можат да нѐ подмамат и да нѐ вовлечат во стапиците на својот шовинизам, зашто, пред сѐ, меѓу нас нема ни Бугари, ни Срби, ни Грци, туку само Македонци. Да се знае“.

Ѓорги Алексов е еден од стотиците Македонци кои тогаш јасно истакнале дека не се ни Бугари, ни Срби, ниту Грци, туку само Македонци.

Извор: „Малешевски Балкан: Орган на македонските борци” , бр. 18, 24 мај, 1897 г., стр 2. ———/

(Подготви: Д. Г.)