Анџела Агелер ја презеде функцијата амбасадорка на САД во Северна Македонија. Таа денеска ги предаде акредитивните писма на претседателот Пендаровски. Агелер, во обраќањето пред шефот на државата, реферирајќи се на својот поранешен ангажман во земјава рече дека Северна Македонија презела тешки одлуки за зачленување во НАТО и напредок кон ЕУ. Дел од настапот на новата американска амбасадорка беше на македонски јазик.
„Голема чест ми претставува да ви го предадам акредитивното писмо од претседателот Бајден. Горда сум што го претставувам претседателот и американскиот народ. Во периодот, откако последен пат бев тука, Северна Македонија се соочи со големи предизвици и донесе тешки одлуки кои ја придвижија напред кон евроатлантските интеграции. Го промени своето име за да стане 30-тата членка на НАТО Алијансата. Ги отвори преговорите за членство во Европската Унија, зацврстувајќи ја својата позиција како лидер во градењето на безбедноста и просперитетот на Западен Балкан“, вели таа.
Повтори дека САД ќе бидат покрај земјава која, како што рече, се соочува со стари и со нови предизвици.
„Повеќе од 30 години работиме заедно за да го обезбедиме заслуженото место на Северна Македонија во поголемата европска заедница, преку поддржување на основните вредности на една просперитетна демократија – почитување на владеење на правото, еднакви можности за правда, економски раст…“, порача Агелер.
Шефот на државата се заблагодари за поддршката на Вашингтон за стартот на европските преговори кои, преку исполнување на клучните реформи, треба да резултираат со членство во Унијата.
„На тој пат, анахроните теми и дискусии за идентитети и наметнати историски вистини претставуваат сериозна пречка која има потенцијал да го закочи нашиот интегративен пат и, со самото тоа, да го држи целиот регион во неизвесност, а тоа генерира нестабилност. Всушност, започнатиот дијалог во рамките на Самитот за демократија, под водство на претседателот Бајден, е најдобриот показател кон какви цели треба да се стремат демократските држави во меѓусебните односи“, изјави претседателот Пендаровски.
„Чест е да ги примам акредитивните писма од Неговата Екселенција, почитуваниот Џозеф Бајден, претседател на Соединетите Американски Држави, со кои Вие сте именувана за нова амбасадорка на Соединетите Американски Држави во Република Северна Македонија. Дозволете ми најнапред срдечно да ве поздравам, да ви посакам искрено добредојде во нашата земја“, рече Пендаровски.
Агелер е деветти американски амбасадор во земјава. Таа е професионален дипломат која била на разни позиции во Стејт Департментот, во амбасадите во Пакистан, Париз, Ханој, Будимпешта, но и во Скопје каде пред десетина години беше шефица на одделот за односи со јавност.