Богатиот на сиромав не му верува, гласи народната изрека која може да се стави во корелација со предлогот на пратенички од владејачките партии кои бараат да им биде укинат евтиниот студентски оброк на „богатите студенти“.

Иницијативата за тоа доаѓа од привилегирани народни претставници кои во владините и собраниските ресторани имаат „чорбиче за пеевче“, односно добро мени со евтини цени. Плус тоа ја имаат и привилегијата за надоместок на патни трошоци за превоз до работа во Скопје од другите градови.

– Пратеничките Жаклина Лазаревска од СДСМ, Моника Зајкова од ЛДП, Санела Шкрељ и други, предложија измена на Законот за студентски оброк, според кои правото на субвенциониран студентски оброк ќе го изгубат студентите кои добиваат стипендија и студентите чии родители имаат месечен приход над минималната нето-плата од 18.000 денари, објави пратеникот Антонио Милошоски.

Тој открива дека во предлогот се бара и на апсолвентите да им се укине правото на субвенциониран студентски оброк!

– Во обид да се истакнат пред „шефовите“ во владата, овие пратеници со ваквиот предлог сериозно го загрозуваат стандардот на илјадници студенти и го укинуваат нивното стекнато право на студентски оброк, пишува Милошоски во неговата објава на Фејсбук.

Пратеникот Милошоски објавува и копија од законските измени предложени од СДСМ и ЛДП.