КОВАЧКИ: Магиите на Тунџев не ја сокрија хациендата од 2016 година на парцела на која до 2020-та газдарица била Славјанка Петровска

/ 19.11.2022

На вчерашната прес конференција Петровска призна дека била сопственик на парцела која ја продала пред 10 години. Демантот на оваа информација на Петровска стигна од директорот на Катастар кој јавно изјави дека земјиштето било продадено во текот на 2020-та година, истакнува Драган Ковачкипратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

-Значи парцелата не била продадена пред 10 години туку пред не цели 2 години. Дали парцелата која неспорно е сопственост на Петровска била пријавена во Анкетниот лист, која била должна да ја пријави? Секако не? Зошто? Сега за втората лага. Незадоволни од изјавата на Петровска СДСМ одлучи доцна вечерта да го активира и директорот на катастар со задача да и биде спасител, односно да ја убеди јавноста дека на лице место не постои објект. Ако пет години директорот на катастар спие не значи дека Google  спие, рече тој.

Ковачки прикажа слики од кои може да се види целата историја на објектот.

-На првата слика може да видите дека до 2007 година на парцелата не постои никаков објект. На следната слика може да се види дека во 2009 година без никаква градежно техничка документација министерката Петровска гради објект.  Значи на снимката од Google за првпат е регистриран објект на парцела која неспорно е сопственост на министерката Петровска. Токму во овој период е и систематското запишувања на правата на недвижности од страна на катастарот, кој согласно правилниците кои се објавени во Службен весник, Петровска била посетена од службениците, ги пуштила да влезат во објектот истите ја измериле внатрешната површина и им соопштила дека таа е сопственик на објектот, истите тоа го запишале и ја повикале градежната дозвола и проектот за објектот треба да ги донесе во катастар. Доказ за ова е Пописниот лист за објект кој до ден денес постои во катастарската евиденција. Пописниот лист е доказ дека Славјанка Петровска не поседува градежнотехничка документација односно на нејзината парцела изградила дивоградба, рече Ковачки.

Тој понатаму посочи дека според Google во 2012-тата година покрај куќата Петровска гради и базен!

-Да потсетам само дека во 2011-та година по донесувањето на Законот за легализација на дивоградбите, донесени се измени на Кривичниот законик каде бесправното градење е кривично дело. Значи ова е првото кривично дело. Според Google во 2016-тата година Петровска гради помошен објект кој исто така е дивоградба, значи уште едно кривично дело бесправно градење. Магиите на директорот Борис Тунџев не помогнаа, на лице место постои хациенда изградена во периодот од 2009-та до 2016-тата година на земјиште кое до 2020-та година било во сопственост на Петровска. Во катастарската евиденција до ден денес се води дивоградбата на име на Петровска, а таа ниту земјиштето, ниту објектот не го пријавила во антикорупциската комисија, и можеби најважното до последните избори од минатата година 2021 година место на живеење на Петровска е токму овој објект односно оваа луксузна хациенда и истата гласа на избирачко место бр. 2948/1 токму во Радишани. Овде имаме многу јасна ситуација – има хациенда со базен, која во системот на Агенцијата за катастар е запишана на име на Славјанка Петровска. Тој податок е актуелен и не е променет, истакна пратеникот.

Го покажа и деталниот преглед на податоци за имотниот лист број 117, кој постои во системот на Катастар, и од кој јасно се гледа името на Славјанка Петровска.

-Петровска после ваквиот чин на прикривање на сопствениот имот и служејќи се со манипулации и навреди кон оние кои ја зборуваат вистината докажува дека бега од одговорност. Јавноста чека одговорност од Петровска, а потоа таа треба да остане доследна на своите ветувања и да каже кога ќе ја подари луксузната хациенда на здруженијата на бранителите, посочи тој.


Од истата категорија