Мислам дека избори не се решение за сегашната ситуација, бидејќи пред нас има многу поважни задачи, изјави денеска лидерот на ДУИ, Али Ахмети во одговор на новинарско прашање во врска со барањето на ВМРО-ДПМНЕ за одржување предвремени парламентарни избори следната пролет.
-Треба да се реализира скринингот и да продолжат преговорите со ЕУ. Во овој процес треба да има етничко и меѓуетничо единство, затоа што станува збор за иднината на државата, за иднината на генерациите. И сите треба да инвестираме во таа иднина, изјави Ахмети по денешната Свечена академија по повод Денот на албанското знаме – 28 Ноември.
Во врска со најавите за влез на Алијансата на Албанците во владината коалиција, Ахмети истакна дека целта на таквата идеја е обезбедување на „концентрација во европските интеграции“.
-Целата оваа тема нема врска со теснопартиските интереси. Ова се однесува на усогласување на политичкиот фактор за поголема концентрација во европските интеграции, изјави Ахмети.
Тој додаде дека премиерот Димитар Ковачевски е во преговори со в.д. претседателот на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари за ова прашање.