Денеска е 26 ноември (по стар стил) и се слави Преподобен Алимпиј Столпник.
Роден е во Адријанопол, пафлагониски град. Од малечок му беше предаден на служба на Бога. Како ѓакон служеше во црквата на епископот Теодор во тој град.
Но, желен за осаменички живот, молитва и богомислие, Алимпиј се оддалечи на едни елински гробишта надвор од градот, од кои заради честите демонски привиденија луѓето бегаа како од страшилишта. Таму тој забоде крст и изгради храм во чест на светата Ефимија, којашто му се јави во сон. Крај храмот подигна висок столб, се качи на него и помина таму во пост и во молитва цели педесет и три години. Ни потсмевот на луѓето ни злобата на демоните не можеа да го оддалечат оттаму ниту да го поколебаат во неговата намера. Особено од демоните овој светител претрпе безброј маки.
Не само што го застрашуваа со разни привиденија туку и го маваа со камења, не давајќи му мир ни дење ни ноќе долго време. Но, Алипиј мажествено се оградуваше себеси од силата демонска со знакот на крстот и со името Исусово. Најпосле демоните победени го оставија, а луѓето почнаа да го почитуваат и да му доаѓаат барајќи ги неговите молитви, утеха, поуки и исцеленија. Околу неговиот столб се подигнаа два манастири: од едната страна машки, а од другата женски. Во женскиот манастир живееја мајка му и сестра му.
Светиот Алимпиј ги раководеше монасите и монахињите од својот столб преку сопствениот пример и слово, а им блескаше на сите како небесна светилка, укажувајќи им го патот кон спасението. Овој Божји угодник имаше толкава благодат, што често го озаруваше небесна светлина и над него се креваше светлосен столб до небото. Беше прекрасен и силен чудотворец за време на животот и после смртта. Поживеа повеќе од сто години и се упокои во Господа во 640 година, во времето на царот Ираклиј. Дел од неговите свети мошти, односно неговата чесна глава, се чува во манастирот Кутлумуш на Света Гора.