Германските власти дозволиле да биде застрелан волкот што летоска го задави понито на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, но не коментираа дали нејзиното име е тоа што ги поттикнало да дадат таква дозвола.

Волците и другите големи месојади се под строга заштита според Директивата на ЕУ за природни живеалишта, што значи дека нивното убивање е забрането, но сепак, земјоделците во земјите и регионите каде што има многу волци, предупредуваат дека нивната растечка популација претставува закана за земјоделството и локалните заедници.

Волк го нападна понито Доли во септември, додека пасело во близина на Хановер со други коњчиња на семејството Фон дер Лејен.

Властите во Хановер соопштија дека волкот, покрај понито, заклал и 12 овци и крави, што било потврдено со ДНК анализа, пренесе Еурактив.

Портпаролот на градот Хановер изјави дека во случајот со волкот е побарано изземање од законот за заштита на волците и големите месојади. Како што се наведува, тој волк спаѓа во категоријата „проблематични“, што значи дека полесно може да се добие дозвола за негов улов.

Според германскиот закон за заштита на загрозените видови, „проблематично“ е животното кое постојано напаѓа добиток или на друг начин покажало дека не е способно за коегзистенција.

Урсула фон дер Лајен, неодамна во писмо до германските европратеници од групата на Европската народна партија (ЕПП) порача дека Европската комисија треба да го разгледа заштитениот статус на волците.

Таа не го спомна своето пони, но, како што јави агенцијата ДПА, напишала дека Комисијата го „препознава“ проблемот со зголемувањето на бројот на волци бидејќи „има се повеќе извештаи за напади од волци врз добиток и зголемен ризик за луѓето“.

Европратениците од групата на ЕПП, чиј член е и Фон дер Лајен, бараат ревизија на заштитениот статус на волците и другите големи месојади, како што се мечките и рисовите.

Кон крајот на ноември, Европскиот парламент усвои необврзувачка резолуција со која се бара да се намали статусот на заштита на волците за да се помогне сточарството.

Бриселскиот портал пишува дека Фон дер Лајен, сепак, не може да очекува поддршка од колегите европски комесари во однос на статусот на волците, затоа што европскиот комесар за животна средина, Вирџинијус Синкевичиус, е поборник за заштита на големите месојади и неодамна ја бранел актуелната Регулатива на ЕУ на оваа тема наспроти критиките од членките на Унијата.