Украинскиот претседател Володимир Зеленски ги предупреди граѓаните на неговата земја за продолжување на руските напади во неколку преостанати денови од 2022 година.
– Мораме да бидеме свесни дека нашиот непријател ќе се обиде да ни го направи ова време мрачно и тешко, рече тој во своето видео обраќање вчеравечер.
Русија изгуби сѐ што можеше да загуби оваа година, рече тој.
– Но, по ракетните напади врз нашата земја, врз нашиот енергетски сектор, таа се обидува да ги компензира своите загуби со лукавството на неговите пропагандисти. Знам дека темнината нема да не спречи да ги водиме окупаторите во нивните нови порази. Но, мора да бидеме подготвени за секое сценарио, рече Зеленски.
Тој упати остри зборови до руската армија, која во саботата со артилериски напади во Херсон, на југот на земјата, уби најмалку 16 лица, а рани уште 64.
-Ќе го најдеме секој убиец, рече украинскиот претседател.
Киев смета дека политичките и воените лидери на Русија треба да бидат судени за војната пред меѓународен суд по моделот на судењата на нацистите во Нирнберг по Втората светска војна.
-Русија не сака преговори и се обидува да ја избегне одговорноста (за војната). Тоа е очигледно, така што одиме кон Трибуналот. Русија сама ја нападна Украина и ги убива нејзините граѓани. Нема други „страни, мотиви или геополитика“, напиша на Твитер Михаило Подољак, советник на украинскиот претседател.
Путин во последните денови неколку пати посочи дека е подготвен за преговори, но не одговара на предусловите поставени од Киев. Додека Москва би преговарала врз основа на моменталната состојба на првите линии на фронтот, Киев прво бара целосно повлекување на руските трупи од Украина, вклучувајќи го и Крим, кој беше окупиран во 2014 година, како и компензација.