Од првиот ден, врвен приоритет и епицентар на градењето на секоја политика на оваа Влада која ја предводам, е благосостојбата на граѓаните, изјави Зоран Заев.
– Правиме се и лицата со попреченост и ранливите групи да бидат вклучени во општествените текови како никогаш досега, како и да го подобриме условите за живот на сите наши граѓани. Лајонсите се мисионери на добрата мисла, емпатијата и свесноста дека само заедно можеме да истраеме низ секакви неприлики. Продолжете да бидете светол пример со пораката дека натпреварот во добродетелството е натпревар во кој сите излегуваме победници, рече вечерва Заев, обраќајќи се на свеченото отворање на 64. Европски форум на Лајонсите во објектот на Македонска филхармонија во Скопје.
– Вашата мисија да ги поттикнувате волонтерите, да им служат на своите заедници, да се ангажираат да ги задоволат хуманитарните потреби на другите околу себе, да го поттикнат мирот и да промовират меѓународно разбирање преку клубовите на Лајонси ве прави да бидете меѓу глобалните лидери во заедницата на хуманитарното служење. Впрочем и мотото на Лајонсите „Служиме“ доволно гласно и уверливо сведочи за вашите трајни вредности во однос на заедниците, рече Заев.
Тој и оддаде почит на оваа организација за изминатиот четиригодишен ангажман за скринингот на очните болести кај над 27.000 децата во Македонија, како и за промоцијата на волонтерството кај младите со што помагаат тие да се развиваат во способни и хумани луѓе.
Во име на домаќинот и организатор на форумот, гостите од Европа, но и од САД, Индија, Јужна Кореја и други држави во светот ги поздрави основачот на лајонизмот во Македонија, Небојша Давидовски. Се обратија и Соња Бојаџиева, гувернер на македонските Лајонси и првата жена претседател на светската лајонс организација, Гудрун Ингвадотир од Исланд, која на премиерот Заев му врачи посебна благодарница за поддршката што македонската Влада ја даде на Светската лајонс организација.
На 64-от европски форум во Скопје, којшто продолжува во наредните два дена, Лајонсите ќе градат стратегии за развој на лајонизмот во Европа, нови идеи за помош и поддршка на ранливите категории, лицата со делумно или целосно оштетен вид, како и други лица на кои им е потребна помош.
Форумот на лајонсите од Европа се одржува под мотото „Свесност и емпатија“, а на сесиите освен за теми поврзани со мисијата на најголемата хуманитарна невладина организација во светот, посебен акцент ќе биде ставен и на градот домаќин, со посебна пленарна сесија на тема „Скопје-55 години град на светската солидарност и родно место на Света Мајка Тереза“.