Американскиот претседател Џо Бајден го потпиша буџетот за фискалната 2023 година, објави Белата куќа. Бајден го потпиша законот, што беше усвоен од Конгресот минатата недела.
Сумата е 1,7 трилиони долари со која ќе се финансираат федералните институции до октомври 2023 година, ќе се зголеми буџетот на Министерството за одбрана и ќе обезбеди дополнителна помош за Украина.
– Законот ќе ги поддржи истражувањата во областа на медицината, безбедноста, здравствената заштита на воените ветерани или програмите за борба против насилството врз жените. Исто така, ќе и ја обезбеди потребната помош на Украина, напиша Бајден на Твитер.
Конгресот под контрола на демократите го усвои законот пред Божиќ со 225 гласа „за“ и 201 „против“.
Во Сенатот, истиот закон беше усвоен со резултат 68:29, со поголема поддршка од демократските сенатори.
Бајден рече дека усвојувањето на законот е доказ дека републиканците и демократите можат да работат заедно.
Законот му обезбедува на Министерството за одбрана рекордни 858 милијарди долари, што е за околу 10 отсто повеќе од лани.
Речиси 45 милијарди долари се наменети за воена, економска и хуманитарна помош за Украина.
Околу 800 милијарди долари ќе бидат наменети за голем број невоени програми, како помош на жртвите од природни катастрофи или за големи инфраструктурни проекти.