Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска одржа годишна конференција преку која им се обрати на граѓаните со духовита алузија за волкот и неговото презиме и светските дресери.
– Кога зборуваат за скротување на Вучиќ, јас во циркус се уште не сум видел волк. Во циркусот нема ни Вучиќ, ниту волк. Србија ќе победи!- рече Вучиќ.
Тој рече дека Србија има најниска стапка на невработеност досега од 8,9 отсто и дека привлекла 66 отсто од вкупните странски инвестиции во Западен Балкан, а бруто домашниот производ лани изнесувал 60,3 милијарди евра.
Вучиќ истакна дека се соочуваат „со тешки предизвици во однос на Косово и Метохија и дека едвај ги зачувале мирот и стабилноста“.
– Ние не испровоциравме никого, освен ако некој не го смета за провокација тоа што го почитуваме нашиот Устав и ги штитиме граѓаните. Не направивме ниту еден инцидент, ниту еден погрешен потег. Не можеме да им се спротивставиме на големите сили, ние сме мали, Германија, САД и Европа се големи… Мали сме, но денес, како што стојат работите во светот, дури 106 земји не го признаваат Косово, рече Вучиќ.