Претседателот на Србија, Александар Вучиќ изјави дека КФОР го одбил барањето за враќање на одреден број на српски безбедносни сили во Косово, што се темелеше на Резолуцијата 1244. Тој наведе дека „сите го знаеле и очекувале тој одговор“.
„Не мислам дека многумина се прашуваат за одговор. Ми се чини дека сите го знаевме и очекувавме тој одговор. Во внимателно составеното писмо до владата на Србија, а преку воениот кабинет и јас бев запознат, е наведено дека нема потреба за враќање на војската на Србија и српските оружени сили на територијата на Косово и Метохија, повикувајќи се на Резолуцијата 1244 во која ја истакнуваат нивната улога, но не се осврнаа на делот на Резолуцијата во кој е дозволено“, изјави Вучиќ.
Српскиот претседател за Божик беше на Хиландар. По враќањето во Белград се очекува да изнесе став и за ранувањето на двете момчиња кај Штрпце, но и дополнително да се произнесе за одговорот на КФОР.