Србите во Косово денеска на два протеста на две различни локации. Во Штрпце се собраа неколку илјади луѓе во знак на протест по двата одвоени инцидента во кои беа ранети две момчиња на возраст од 11, односно 21 година, а 18-годишник беше физички нападнат додека се враќал од божикна литургија. Во Косовска Митровица, пак, се собраа околу 200 луѓе кои го обвинија српскиот претседател, Александар Вучиќ за предавство, а претставници на „Српската листа“ за „неконтролирано богатење“.

Протестот во Штрпце почна нешто по 12 часот напладне, со интонирање на српската химна. Насобраните носеа транспаренти на кои пишуваше „Штрпце е Србија“, „Ние сакаме само мир“, „Стефане срце јуначко“ и „Европо за што се виновни нашите деца“. Главните пораки што беа испратени од Штрпце се однесуваа на мир, на безбедност и сигурност.

Протестот во Косовска Митровица беше најавен како собир против „предавството“ на српскиот претседател Александар Вучиќ. Но, и за закани и уцени од „Српската листа“ за која велат дека е „црна“ за нив. Демонстрантите порачаа дека повеќе нема да трпат терор и побараа итно повлекување на косовската полиција од северот на Косово и ослободување на уапсените Срби, но и прекин на преговорите додека не бидат исполнети нивните барања.  

„Се собравме, моравме, дојде последниот час. Народот на Косовска Митровица и народот на Косово не сака да запре и ќе се бориме до последен. Не сакаме да ги трпиме РОСУ силите на северот на Косово, ниту било каде што живеат Срби. Никој не сака повеќе да го трпи ова. Ние не можеме повеќе“, се обрати пред присутните Иван Милетиќ, еден од организаторите на протестот во Косовска Митровица.

На собирот беше побарана и посета од српскиот партијарх Порфириј на Косово, но беа нагласени и проблемите со политиките на Албин Курти. На Вучиќ му порачаа дека негова работа е обезбеди сигурност за Србите во Косово. На претставниците на „Српската листа“ им порачаа дека не можат повеќе да ги претставуваат Србите и нивната судбина да ја решаваат „бизнисмени и пропаднати политичари“.