Рускиот министер за одбрана, Сергеј Шојгу, синоќа го назначи началникот на Генералштабот, Валериј Герасимов, за командант на Здружените воени сили задолжен за „специјалната воена операција“ во Украина.
Западни медиуми објавуваат дека најновите промени во руското воено раководство доаѓаат откако и Герасимов, како и Шојгу, беше остро критикуван поради повеќекратните неуспеси на бојното поле и неуспехот на Москва да обезбеди брза победа во кампањата.
Во соопштението на Министерството за одбрана се наведува дека Шојгу го назначил Герасимов за командант на група комбинирани сили за „специјална воена операција“ во Украина.
Тоа е највисоката командна позиција на самото бојно поле.
Минатиот октомври Русија го постави генерал Сергеј Суровикин како одговорен за севкупните операции во Украина, по серијата успешни противофанзиви на украинските сили.
Суровикин сега ќе му биде заменик на Герасимов, соопшти Министерството за одбрана.