Бугарскиот претседател Румен Радев за физичкиот напад врз Христијан Пендиков во Охрид, секретар на бугарскиот клуб Цар Борис Трети, објави дека „категорично ги осудува систематските кршења на правата на Бугарите во Република Македонија и всадувањето омраза кон нив”, од што, како што вели, „резултат беше нападот врз Бугаринот Христијан Пендиков во Охрид”.
-Декларираните амбиции за членство на Република Македонија во Европската Унија и преземените заложби за реформи и зајакнување на демократските норми во земјата се разидуваат со реалноста во која живеат Бугарите кај нашиот југозападен сосед, напиша Радев на Фејсбук.
Соопшти дека Бугарија е подготвена да организира воздушна евакуација на Пендиков и да обезбеди негово лекување и дека уште еднаш ќе го сврти вниманието на шефовите на држави и влади во Европската Унија, како и на европските институции и на Советот на Европа, кон прашањето за почитување на правата на Бугарите во Република Македонија.
– Систематското кршење на нивните права беше основа на ставот на Бугарија дека европската интеграција на Република Македонија треба да се заснова на вистински напредок во искоренувањето на јазикот на омраза кон Бугарија и Бугарите и почитување на правата на македонските Бугари, додава Радев во објавата на Фејсбук.