Амбасадорката на САД, Анџела Прајс Агелер денеска од Гостивар порача дека уставните измени треба да се усвојат за земјава да се придвижи напред.
Според неа, пратениците треба да гласаат за да има напредок.
– Знам дека е тешко, но треба да се усвојат уставните измени што знам дека не е баш омилен и популарен чекор, но е неопходен за чекор напред. Пратениците треба да гласаат за уставните промени, за државата да може да се придвижи напред со дискусиите и процесот за интеграција и пристапување кон ЕУ. Според мене, тоа е клучно, бидејќи таму лежи успешната иднина на оваа земја, рече Агелер, одговорајќи на прашања на панел дискусијата „Ајде да зборуваме за предизвиците и иднината на Македонија“ што се одржа во Ценатрот за млади во заедницата (YCC).
Амбасадорката нагласи дека е запозната со партиски ставови на пратениците, дека тие имаат гласачи и дека тие се одговорни кон нив, но смета дека „ова е во најдобар интерес на Македонија“ и на тоа мисли кога ја спомнува „тешката одлука“.
– И затоа, засега тоа е предизвик, верувам дека ако се донесе таа одлука и дека пратениците треба да гласаат за да може да има напредок, истакна Агелер откако еден од учесниците на панелот во врска со македонските евроинтеграции, праша на кои „тешки одлуки“ мисли амбасадорката кога посочува дека треба да ги донесат нашите политичари. Таа подвлече дека тешката одлука сега е да се направи потребниот избор за земјава да се придвижи кон ЕУ.
Што се однесува до црната листа за корупција, таа истакна:
-Во САД се разгледуваат соодветни санкции за поединци кои ги прекршиле американски закони и норми. Веројатно во претстојните месеци ќе видиме едно или можеби неколку имиња. Нема само еден список. Всушност, има неколку бидејќи американската влада има неколку сектори кои се занимаваат со корупцијата и не е единствен список што доаѓа со многу имиња на него и тука да ја завршиме работата. Бидејќи, корупцијата тука е тековно прашање, не е дека ќе излезе некаков список и работата ќе престане, рече Агелер.
Таа потенцира дека Амбасадата на САД и нејзиниот тим се посотојан конткат со функционери во Вашингтон, со секторот финансии, со Стејт Департментот, со конзуларното биро каде се разгледуваат визни санкции, економски санкции, Советот за национална безбедност.
-Тоа е непрекинат процес при што се разгледуваат соодветни санкции за поединци зависно од тоа каков тип на американски закони и норми прекршиле и САД веќе да не ги прими. Веројатно во претстојните месеци ќе видиме име, можеби неколку имиња, но тие ќе излегуваат и во претстојните месеци и години, онака како што ќе се движат истрагите во Вашингтон, нагласи амбасадорката Агелер.