Нема основа за стравот што го шири Арбен Таравари со изјавата за радикализација на Албанците, на Македонија ѝ е потребен спас од Али Ахмети и од такви политичари како него, изјавува поранешниот министер Џевдет Хајредини за Плусинфо за заплашувањата од досегашниот опозиционер Таравари, кој влегува во Владата со закани.

– Му стана густо на Арбен Таравари поради тоа што со својата партија тргна да ѝ се приклучи на власта и со тоа да го спаси Али Ахмети од сигурна пропаст, па затоа сега смислува помпезни изјави со цел да го привлече вниманието кај јавноста и да си го измие срамот од лицето. Нема никакви шанси за радикализација на албанските партии, верувајте ми. Никој воопшто не ни помислил на такво нешто. Нема основа за таков страв. На Македонија ѝ е потребен спас од Али Ахмети и од такви политичари како него. Оти, оваа власт се потпира само на взаемна амнестија за кривични дела, вели Хајредини за Плусинфо.

Ниту еден Албанец од Македонија нема да ги симне чизмите од таван, како што некогаш се закануваше Шкодране Дардишта од ДУИ, и нема да замине в планина со оружје в раце за да би предизвикал нов воен конфликт само затоа што е загрозена европската перспектива на земјава, коментираат и други познавачи на состојбите во Македонија за заплашувањата од Таравари изнесени во интервју ТВ Шења.

– Можно е да се случи радикализација на албанските партии ако биде загрозена европската перспектива на Северна Македонија. Може да пораснат фрустрациите кај Албанците и може да се појават нови идеи за реорганизација на државата, изјави Таравари.

Универзитетскиот професор по безбедност Методи Хаџи-Јанев смета дека неприфатливо е човек кој се стреми да биде дел од власта да шири неоправдан страв во општеството, а како што потенцира, албанските партии во земјава не би ни имале корист од таква радикализација.
Можеби ќе ве интересира

– Човек кој наскоро треба да стане дел од власта не смее никако да си дозволува такви изјави и да шири страв во општеството. Реално гледано, постои можност одредени структури во земјава да тргнат да го реализираат планот за којшто предупредува Таравари, но сепак сметам дека државата нема да им го дозволи тој луксуз. Кој и да ја има власта, тој ја има и контролата, а многу добро видовме како помина прославата на роденденот на Гоце Делчев и како одеднаш центарот на Скопје се претвори во најбезбедното место во Европа, вели Хаџи-Јанев за Плусинфо.

Впрочем, додава тој, зошто би се радикализирале албанските партии во Македонија кога веќе долго време живееме во класичен апартхејд?

– Како сакате сфатете ме, и кој сака нека се лути, ама во земјава веќе не е популарно да се биде Македонец. Јас сум сигурен дека и на Албанците во Македонија повеќе им одговара да не влеземе во ЕУ отколку да влеземе. Затоа што, ако сме дел од европското семејство, тогаш ќе треба да испорачуваме стандарди, а сега сѐ се врши по етнички код, вели Хаџи-Јанев.

Целиот текст може да го прочитате ТУКА.