Москва и Пекинг демонстрираат солидарност и подготвеност обете да дејствуваат во заштита на интересите на другата земја, изјави денеска рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров при средбата со највисокиот кинески дипломат Ванг Ји.
– Нашите односи се развиваат одлучно и динамично, и покрај високите турбуленции на светската сцена, демонстрираме единство, подготвеност да ги браниме интересите на другата страна, врз основа на почитување на меѓународното право и централната улога на Обединетите нации, изјави рускиот министер, пренесува ТАСС.
Лавров, исто така, му честиташе на Ванг за неговото назначување за шеф на Канцеларијата на Комисијата за надворешни работи на Централниот комитет на Комунистичката партија. – Сигурен сум дека вашата работа на вашата нова функција дополнително ќе го зајакне континуитетот на руско-кинеските односи на стратешка интеракција и сеопфатно партнерство, додаде тој.
– Ќе дадеме се од себе да ги унапредиме односите и да го промовираме решението на задачите формулирани од нашите лидери во контактите со вас и со новиот министер за надворешни работи на Народна Република Кина Чин Ганг, нагласи рускиот министер за надворешни работи.
Претходно денеска, Кремљ потврди дека Ванг ќе има средба и со рускиот претседател Владимир Путин. Московскиот весник Комерсант претходно објави дека Ванг отпатувал во Москва за да разговара за можен мировен план за Украина.