Заменик министерот за финансии, Филип Николовски денеска во емисијата „10МИНУТИ“ на ТВ21 коментираше за „замрзнувањето“ на цената на лебот. Тој кажа дека произведувачите на лебот не ја намалиле цената согласно договорот кога добиле субвенционирана струја.

„Во најтешкото време во најголема криза кога енергенсите беа на високо ниво, и цените на гасот и нафтата, Владата донесе одлука на барање на овие компании, да се помогне за нивниот производствен процес, и да им дадеме повластена цена на струја. Во миговите кога 200-300 евра беше мегават час, овие компании добија до трипати помала од реалната цена. Од нивна страна беше ветено дека со ваква цена на струја, ќе ги намалат цените за 10-15%. Минаа три месеци, ние не видовме намалување, согласно договореното. Токму поради тоа одлучивме цената на лебот се фиксира на цена од 33 денари, и со тоа сакаме да покажеме дека навистина се грижиме за секој граѓанин“, изјави Николовски.

Тој кажа дека оваа мерка ја чинела државата три милиони евра.

„Од буџетот за оваа мерка одвоивме 3 милиони евра, тоа се пари на граѓаните. Тие пари ги одвовиме за да им се даде поддршка, и овие компании имаа обврска да ја намалат цената на лебот. Од денеска цената е 33 денари, и јас како што видов попладнево во некои маркети имаше леб“, рече Николовски кој додаде дека оваа мерка ќе трае три месеци, кога лебот ќе треба да се продава по 33 денари.